Утре кошаркарите на Пелистер во Битола ја пречекуваат екипата на Работнички, а натпреварот е еден од натпреаврите кои директно ќе одлучи како ќе се одвиваат работите во Првата кошаркарска лига.
Тренерот на Пелистер, Љупчо Малинков, вели дека нема да биде ни малку лесно да се дојде до она што го има подготвено.
-Работнички е екипа за која не треба да се зборува многу, а самиот натпревар ќе биде тежок со секој поглед. Работнички е екипа за почит, а овој пат во Битола доаѓа со нови засилувања, ќе има нов Американец, а се засилени и со кошаркар од екипата на Куманово. Но, без разлика на сето тоа ние ќе ја работиме нашата работа за да стигнеме до целта. До победа ќе дојдеме тешко, а ќе ни треба многу труд на паркетот. Трениравме одлично, комплетни сме, немаме повредени, работевме на тактиката, само ни останува да дојдеме до посакуваниот психолошки момент и до победата, вели Малинков.
И капитенот Мико Голубовиќ се надоврзува на мислењето на тренерот.
-Работнички е екипа за почит, а и ние ќе ги почитуваме, но мораме да бркаме победа, бидејќи само така ќе останеме во комбинација за пласман во плеј-офот. Но, ќе биде тешко. Сигурно ќе има квалитетна игра од двете страни и голема борба за секоја топка, поради важноста на натпреварот за двете екипи, вели Голубовиќ.
Малинков и Голубовиќ упатија и покана до љубителите на кошарката и битолската спортска јавност утре да бидат во салата и да им помогнат на кошаркарите во натпреварот против Работнички.
С.Р.






