Панде Манојлов добитник на наградата за поезија “Ацо Шопов“, а Зоран Пејковски за наградата “Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади.
Во текот на декември 2019 година беше распишан Конкурсот на Друштвото на писатели на Македонија за најдобри книжевни остварувања во годината што измина. Од пристигнатите 57 наслови стручните жирија во првата фаза одбраа наслови што влегоа во потесен избор, а потоа по пат на гласање ги селектираа добитниците на наградите.
Селектирани кандидати за наградата за поезија “Ацо Шопов“ беа стихозбирките: „Импровизирани часови“ од Давор Стојановски, “Јужни реки“ од Панде Манојлов и „Мои страсти, мои страданија“ од Катица Ќулавкова.
Комисијата во состав: Паскал Гилевски (претседател), Михаил Ренџов (член) и Иван Антоновски (член) со мнозинство гласови одлучи наградата да биде доделена на Панде Манојлов за стихозбирката „Јужни реки“.
Кандидати за наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади беа книгите: „Дур дишам се надевам“ од Владимир Мартиновски, „Ѕвезда Мрак и суштествата од Мракоград“ од Билјана Црвенковска, „Кој се фали ќе зажали“ од Кузман Кузмановски и „Мали детски разговори“ од Зоран Пејковски.
Комисијата во состав: Љерка Тот Наумова (претседател), Панде Манојлов (член) и Горјан Петревски (член) одлучи наградата да му биде доделена на Зоран Пејковски за пиесата за деца „Мали детски разговори“.
Наградите ќе бидат доделени на свеченоста што ќе се организира на Денот на ДПМ, 13 февруари, со почеток во 12 часот.






