Деновиве кога истражував за некои податоци, во мојот новинарски бележник најдов податок дека во февруари 2010 години сум бил гостин на ТВ “Тера“ во емисија која заслужува да се спомене како дел од историјата на Битола пред 10 години, период кој го третирам во мојата рубрика во порталот Bitolanews, во неделната рубрика “Деновиве“ пред 10 години, започна со своите сеќавања Димче Миновски, доајен на битолското новинарство.
-Во овој период Сојузот на спортови го организира изборот за најдобри спортисти, а тоа беше и повод да ја добијам поканата од Благој Шаклевски, кој ја уредуваше и водеше емисијата “Град“ во свој стил, седнат на шанкерско столче. Се сеќавам дека зборувавме за Сојузот на спортови, за поставеноста, за ингеренциите на Сојузот, за изборот, за финансирањето, за најдобриот спортист… вели Миновски.
Миновски има само убави зборови за оваа емисија и вели:
-Шаклевски, како искусен новинар, се зафати за голем предизвик за тоа време, а и за сегашно би било така. Имаше емисија од понеделник до петок, секој ден, во некои денови со неколку соговорници, а како повод ги имаше дневните настани, кои тој ги третираше на поинаков начин, различен од тоа што се прикажување на вести. Поминаа стотици битолчани, кои се аформираа преку него, а неговата емисија беше препознатлива, а соговорниците се фалеа со зборовите: бев во “Град“ кај Шакле.






