Жанета Ристевска
Клара Цеткин би ни кажала благодарам што не се откажуваме од борбата за вистинска еднаквост.
Денеска се слави меѓународниот ден на жената, од времето на Клара Цеткин и Роза Луксембург положбата на жената несомено дека е сменета, сепак и 93 години потоа, жените се уште се борат за својата рамноправност. Зависи како го разбираме и празнуваме, околу Меѓународниот ден на жената се водат разни полемики за тоа што треба, а што реално претставува овој празник кај нас (а и во светот). Како најправилно да се прослави 8-ми Март? Низ разговорите со моите соговорнички од различни професии, тие отворено ги искажаа своите ставови, мислења, размислувања околу овие теми. На некој нечин тие пренесуваат и пораки дека Осми март би станал ден на заблуди и лага, доколку веруваме дека со тој еден ден на посебно внимание – дали преку цвеќе или подарок – ќе заборавиме или простиме на секојдневните неправди коишто се случуваат во смисла на дискриминацијата на жените и стеротипите дали жената може да се носи со улогата да врши значајна функција во општествено- политичкиот живот. Потребно е ние жените да ја промениме нашата свест за самите себе, а кога тоа ќе се случи неминовно ќе се смени свеста и кај мажите, па тогаш веќе нема да говориме дека ова е свет на мажите. За што Клара Цеткин нам би ни кажала благодарам? Одговорот на ова прашање низ силна порака од 8 битолчанки (редоследот е по азбучен ред).
Буба Солак, уметник
SHE WILL BE Револуција. Храбри жени, не се оние кои не се плашат. Оние кои не стравуваат, не плачат, не затреперуваат… Храбри и моќни се оние жени кои преку своето искуство ја откриваат својата ранливост и знаат дека блискоста и независноста се еднакво битни Таа е независна, им дава приоритет на своите соништа и цели и не заборава да сонува! Јас, Таа, Ние сме и Мирни и бунтовни, ладни и страствени во исто време.. Ние правиме се дури и кога сме исплашени,продолжуваме напред и ги правиме работите во секој случај, и ни е многу подобро кога ке излеземе од нашата конфорна зона. Сами како единки можеби е потешко и покомплицирано да функционираме и реализираме но сите заедно WE CAN DO IT!
Гордана Анастасова, директор ОУ “Св. Климент Охридски“
Меѓународниот ден на жената – 8 Март – ден кога се одбележува борбата на жената за економска, социјална и политичка рамноправност со мажите. Денес жените храбро чекорат, тие се лидери и се носат со се во животот. Многу голем процент од жените се вработени во образование. Тие покрај што се сопруги, мајки исто така се исполнети со љубов кон учениците кои ги вопситуваат и образуваат. Тие се нежни, исполнети со нови идеи и уживаат во професија наставник. Важно е да покажуваме љубов кон своето семејство, својата работа, да ги живееме своите соништа и од ништо да не се откжуваме.
Маја Андоновска-Илиевски, директор на Центарот за култура
Низ годините пораснав со неколку но и запознав многу инспиративни жени, со кои е радост да споделиш, да работиш, да разговараш, да молчиш, да се бориш, и да се инспирираш взаемно. Жени чиј пламен силно свети, жени кои не е можно да ги заобиколиш, прескокнеш, да замижиш пред нив. Пламенот е силен, топол, и се зголемува секојневно бидејќи инспирираат со својата светлина… Сите до една ќе се препознаат, бидејќи се гордеам со нив и никогаш не штедам на зборови да им кажам колку се важни и колку ги сакам ! Живеам во машки свет-ДА, но ако мене ме прашувате што може жената , тогаш одговорот би бил само две букви: СЕ! Но и ако ме прашате кој е најголем непријател на жената, одговорот би бил искрен : ЖЕНАТА!
М-р Нела Неделковска, одделенски наставник ОУ “Даме Груев“
Да се празнува Денот на жената, 8 Март, значи да се одбележи секојдневневниот нејзин предизвик како мајка, работничка, сопатничка, пријателка, баба. Да се поклони пред неа за секојдневната нејзина борба во општеството, семејството… Да се купи нејзиното внимание со една ружа, топла прегратка или можеби нежен збор. Да се потопи нејзината душа во радост, среќа и желба за повисоки врвови. Преку нејзиниот лик да се оддаде почит на олицетворението на женските права Клара Цеткин од една страна и Роза Луксембугр за борба за еднаквост, правичност, слобода. А, ние со нашето постоење да се потрудиме да ги смениме наметнатите стеротипи и да ја разбудиме свеста дека големите поклони, украсните хартии и златните панделки се за некои други поводи. Со нив не може да се купи мудроста, смиреноста, тактиката, упорноста и јасно поставената цел која жената треба да ја дарува на своето опкружување.
Олга Лозановска, лекар-советник во Советот на општина Битола
Осми март еден посветен на сите оние жени коишто се бореле и дури гинеле за еднакви права и можности, но и на оние коишто сè уште неуморно се борат на нивен начин за постигнување на родовата еднаквост. Она што е важно е дека треба да се знае зошто се одбележува и зошто е важно да се одбележува. Ако во некои средини, празнувањето на 8 Март е начин жените да излезат од дома, да се здружат, да поразговараат. Но, други го одбележуваат со тоа што ќе отворат одредени теми, ќе разговараат за предизвиците, дискриминацијата и генерално подигање на јавната свест за нееднаквоста помеѓу мажите и жените и потребата од сериозни промени. Трети ќе маршираат и потсетат дека родовата еднаквост не е постигната и дека потребни се значајни промени. Да ја продолжиме борбата за еднакви права започната од Клара Цеткин.
Поликсена Јанкуловска, раководител за маркетинг во “БиМилк“
Mеѓународниот ден на жената (8 март), кај нас се има прифатено како ден на примање поклони и честитки со безброј пораки за она што значи да се биде жена, па излегуваат радосни видеа од прослави, па прашања : „Зошто ни треба само еден ден за жени?“ Или „Зошто само жени?“ …. Затоа јас би сакала да потсетам дека 8ми март е глобален ден во кој се слават социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените! Светот оствари досега невидени достигнувања, но ниту една земја не ја постигна половата еднаквост. И затоа меѓународниот ден на жената е колективен ден на глобална
прослава , но и повик за акција за забрзување на родовиот паритет. Верувам дека еден ден не е доволен за зајакнување на статусот на жените и аплаудирање на нивните достигнувања, но сепак, со одбележување на Денот на жената, добиваме можност да создадеме поголема свесност за женските прашања, улогата и позицијата на жените кај нас и во светот. Меѓународниот ден на жената е време да размислиме за постигнатиот напредок, да повикаме на промени и да славиме чинови на храброст и решеност од обични жени кои одиграле извонредна улога во домот, бизнис заедницата но и во историјата на нивните земји и заедници. Оттаму, јас сметам дека жените имаат постигнато многу во однос на своите права, но далеку од доволно. Клучната порака што би сакала да ја пренесам е дека не треба да чекаме некој друг да го создаде тоа посебно место и одликување за нас,ние самите треба да се избориме за тој статус во општеството и внатре во свеста на секоја од нас.
Татјана Крнчева, советник во Советот на општина Битола
Кога ќе се спомне Денот на жената, во глава ми се појавуваат милион насмеани женски лица и нивната среќа на тој ден, бидејќи за жал, тоа е и единствениот ден кога го добиваат должното внимание. Ми се преплетува вечната дилема дали сме доволно добри да “парираме“ и вечната борба да го добиеме заслуженото место во овој машки свет. НО…единственото нешто кое е можеби и поважно од родовиот баланс, е истополовиот баланс. Силата не лежи во “одобрување и признавање“ од спротивниот пол. Силата лежи во нас самите! Ние многу често знаеме да сме си најголем непријател себеси кога премолчуваме, кога игнорираме, кога не се солидаризираме. Затоа е и тоа како важно, НИЕ, како жени во политиката, а и како општествено одговорен фактор, да влијаеме на зајакнувањето на женското постоење и битие, да дадеме поддршка едни на други, да сме гласот на немите, видот на слепите, силата на немоќните и уплашените! Имаме морална одговорност, причина плус што сме во позиција кога ги имаме сите алатки за да подадеме рака. Да не ги спомнуваме и гласно извикуваме залудно имињата на Цеткин и Луксембург…на Елпида, Лена, Фана, Естреа…туку да им го раскажеме значењето на овие женски фигури на оние кои не знаат, кои не беа чуле за нив! Да не замеруваме за ора и подароци…тоа не не прави подобри луѓе, а уште повеќе подобри жени, тоа е само прашање на вкус.
Фиона Јусуфи, економист
Кога бев дете, денот на жената за мене беше еден од најубавите денови во годината. Тоа беше денот кога требаше да одам до најблиската цвеќара и да го одберам најубавото цвеќе за мојата мајка, баба и учителка. Секако традицијата продолжува, но денес меѓународниот ден на жената за мене има уште поголемо значење. 8-ми Март е денот кога сите заедно ги славиме социјалните, политичките, економските и културните достигнувања на жените. Затоа, сакам да ја искористам оваа прилика и да ги повикам сите жени, заедно да продолжиме во борбата кон забрзување на родовата еднаквост во сите сфери на нашето општество! Нека ни е Среќен 8-ми Март! За крај…. “I’M A WOMAN. WHAT’S YOUR SUPER POWER?”






