Жанета Ристевска
Една од мерките кои ги усвои Владата за заштита на јавното здравје во услови на брзо ширење на коронавирусот е привремен прекин на воспитно – образовниот процес во државата. Основците и средношколците не одат на училиште, не посетуваат настава.. Клупите во основните училишта останаа празни. Заради новонастанатите услови на изолација и останување дома учениците со правилна насока би требало да се насочат кон учење дома. Постојат многу начини како децата да продолжат да се едуцираат и во вакви вонредни околности, во домашни услови. Со препораки од МОН за: Бесплатни дигитални платформи, апликации и содржини за учење – Дома. Исто така општина Битола во соработка со наставниците започнаа со задавање на едукативно – креативни содржини од училиштата во Општина Битола како интернет содржини со цел учениците да можат дома да совладуваат наставен материјал. Он лајн наставата стана наша реалност. Се одржа и првиот он лајн час. МОН понуди многу платформи за учење од различни области.
Учењето дома е сложен процес и би требало да се сфати сериозно. Секако сега значајна ќе биде улогата на наставниците кои ќе посочуваат наставни содржини преку дигитални платформи и апликации за нивните ученици. Тие се и подршка за учениците во овој специфичен период низ кои поминуваат учениците и родителите. Успешна комуникација со родителите кои сега ќе бидат едукатори дома, и ќе имаат можност да учат заедно со своето дете, особено оние кои имаат деца во помалите одделенија. Сето ова е еден нов процес и со овие нови предизвици се среќаваат наставниците. Затоа побаравме мислење од оние кои се пред еден предизвик за спроведување на учење дома, он лајн учење и настава директори од две основни училипта и наставници кои предаваат различни предмети од неколку основни училишпта во Битола. Тие отворено ги изнесоа своите ставови, досегашни искуства, практики за учење дома, он лајн учење, он лајн настава, одвивање на настава во домашни услови, за домашна училница. Тие дадоа свое мислење и за овој специфичен период на изолација, празни клупи, со кој се соочуваат како наставници и како се чувствуваат и справуваат со тоа. (редослед по азбучен ред)
Андријана Димитров,
наставник по биологија ОУ “Св. Климент Охридски“
-Пред некаде околу пет години, со воведувањето на Кембриџ програмата почуствував потреба одзбогатување, дообјаснување, анализирање и проширување на некои податоци дадени во програмата, а особено кои не се содржат во учебниците. Почуствував потреба да создадам начин преку кој ќе можам да пласирам на учениците повеќе објаснети, збогатени содржини, како надополнети со интересни едукативни игри, а тоа да не биде диктирање со што би трпела интерактивната настава во училница. Од тука се создаде потребата да ја креирам мојата веб страна https://andrianadimitrov.weebly.com/ . Оваа страна се покажа како одличен рецепт за успех кај моите ученици, но секако добивам и многу позитивни коментари од други ученици, родители и колеги.
Со новонастанатата ситуација во државата овој и слични вакви начини на комуникација со учениците се одлична можност иако наставата во училиштата запира, да не дојде до запирање и на процесот на учење кај учениците. Покрај тоа што на мојата веб страна се пласирани наставните единици, бидејќи чувствувам дека немам увид во тоа дали и колку учениците учат, воспоставив контакт и преку фејсбук групи со представици од класовите во кои предавам и представници од родителите на тие класови. Нив им задавам примери за вежби, насоки за домашни задачи кои истите ми ги испраќаат на емаил со што барем до некаде можам да ја контролирам работата на учениците. Со ваквиот начин на работа можеби нема да се постигне целосен успех, но верувам дека на овој начин подоцна многу полесно би се пополниле празнините во знаењето и тие секако би би биле многу помали.
Весела Весе Богдановиќ,
директор ОУ “Кочо Рацин“ с. Ивањевци
Наставниците превземаат иницијативи за задавање задачи преку групи и платформи, секој како знае и умее, доколку има услови, иако службено немаат таква обврска во моментов. Доколку наставникот на нашето дете веќе започал со било каква активност за учење од далечина, срдечно препорачувам да го почитуваме трудот и да го поттикнеме нашето дете да биде активно во таа група. Дури и повторување на изучениот материјал е одлична активност која може да биде од помош. Да им објасниме на децата дека така ќе си олеснат и ќе бидат слободни за шеткања и дружби штом помине оваа криза, наместо тогаш повторно да бидат изолирани од натрупани обврски. Ова нека биде поттик и идеја за родителите.
Снимајте ги со микрофонот на мобилниот телефон додека читаат на глас за да вежбаат изразно читање. Штом еднаш се слушнат веднаш ќе посакаат да продолжат со оваа игра на „спикери“ во обид следниот пат да си се допаднат себе си, а потоа и сами ќе продолжат со оваа „игра“, или снимајте ги со камерата на телефнот додека „предаваат“ лекција , за што преходно би се припремиле за улогата на учител. Тоа е интересен начин да ги поттикнеме да читаат лекции што следат и да се интересираат да ги сфатат за да најдат начин како да ги прераскажат на друг. Сме го правеле ова, интересно е и успева и кај помалите и кај поголемите дечиња.
Редовното читањето е најважно за децата од второ и трето одделение. Не мора да биде поврзано само со читање на лектири и лекции од учебник. Има многу интересни теми кои ја привлекуваат детската љубопитност На пример, енциклопедиите, книгата „Илјада зошто илјада затоа“ што многумина ја имаме дома од наше време… Интернетот е полн со содржини за Гинисови рекорди, легенди и преданија, најпознати светски дестинации, градови, плажи, истражувајте рецепти од туѓи земји и култури…..сето тоа го има и на македонски јазик. Направете дома или во дворот креативно читачко катче, па дури и неколку различни во текот на подолг период. Дури и по филмовите можеме да видиме како родители и деца прават „скришни“ катчиња во домот и во нив си раскажуваат доживувања, приказни, читаат книги…Украсете го катчето со новогодишни ламбички, перничиња, покрив од кебенца…Радост за сите и мигови за убави семејни спомени. Се што е потребно е кретивност.
Математика може да се вежба преку разни апликации дури и на мобилните телефони, децата полесно и од нас можат да се снајдат во нивно откривање и играње. Посебно игри за собирање, одземање, множење, делење има на претек, а тука јазикот не е важен. Важно е да ги „убедиме“.
Душко Костовски,
директор на ОУ “Св. Кирил и Методиј“
-Овој период е тежок за сите кога училиштето е празно и без нашите ученици. Но со препораките би им порачал да останат дома и да ги почитуваат мерките. Ова е за нив една животна лекција да научат да се однесуваат одговорно и дисциплинирано. Времето кое ќе го поминуваат дома покрај други интереси, правилно би било да го користат и за повторување на досегашен материјал , но и учење. Таква можност имаат со #домашнаучилница. Содржините се поставени на веб страница на Општина Битола, на следниот линк: Домашна училница – Општина Битола Домашна училница е платформа за учениците од дома да работат на совладување на наставниот материјал Општина Битола во соработка со наставниците, започна со задавање на интернет содржини за учениците. Нашето училиште прво се вклучи со содржини од наши наставници на оваа интернет платформа. Таа постојано ќе се надополнува со нови наставни содржини, со цел учениците да можат дома да работат на совладување на наставниот материјал. Преку нашата ФБ страна постојано ги известуваме учениците и родителите за сите новини во овој поглед тука се и платформите и апликациите на МОН од различни области. Овие содржини се извор за наставниците.
Марија Недановска Пискачева,
наставник по македонски јазик ОУ “Коле Канински“
Eдна од мерките кои ги усвои Владата за заштита на јавното здравје и ширење на корона вирусот е привремен прекин на воспитно-образовниот процес. Но, тоа не значи дека образовната надградба треба да застане. Напротив, има многу начини како учениците да продолжат да се едуцираат и во вакви вонредни околности, во домашни услови.
Јас како наставник по македонски јазик во основно училиште веќе од 2014 година имам изготвено свој блог,електронска платформа преку која комуницирам со моите ученици .На мојот блог покрај дадените насоки како и материјал за учење од дома, можат да се најдат интересни содржини од наставните единици кои на часовите ги обработувавме од шесто до деветто одделение.Блогот е поделен на делови по сите програмски подрачја кои се изучуваат по овој наставен предмет, на него можат да се најдат презентации, линкови , часови ,обработка на лектири,конкурси, квизови, видеа,награди, вежби,проекти и други содржини поврзани со наставниот предмет.Постојано сум во електронска комуникација со моите ученици преку фејсбук затворени групи каде на учениците им праќам линкови и материјал за учење седмично. Многу ми се допаѓа идејата на општина Битола ,односно изработената електронска платформа, во соработка со наставниците,,Домашна училница”која ќе им помогне на учениците за полесно совладување на наставниот материјал. Сметам дека нашата улога како наставници не треба да е само педагошка, туку и психолошка со цел да им го олесниме овој привремен ,,одмор” на учениците, да им помогнеме на децата да продолжат со учење дома во периодот додека воспитно образовните институции се привремено затворени,и ние да им бидеме пример со кој заедно ќе ги почитувме препораките да придонесеме во грижата за сопственото здравје , здравјето на нашите најмили и јавното здравје. Учениците да бидат општествено одговорни.Бидејќи тие се нашата иднина!
Мелина Христова,
одделенски наставник ОУ „Св Кирил и Методиј“
Поминуваме низ тежок период, но ако може да се каже дека има нешто позитивно во оваа состојба на изолација е собирањето на семејството и поминувањето време заедно на родителите со своите деца, она што во голема мера недостасува во денешно време, време на отуѓеност , отсуство на комуникација и блискост, а што е од најголема важност во развојот на личноста на едно дете. Во новонастанатите услови, потребно е да се прилагоди и воспитно-образовниот процес и да се овозможи одредена континуираност на истиот. Деновиве е актуелна токму оваа тема, се разговара за тоа кој би бил најдобриот начин да се овозможи учениците да ги совладаат наставните содржини и цели кои се предвидени со наставниот план и програма. Министерството за образование веќе нуди дигитална платформа и начини на информирање и едуцирање на децата во домашни услови, што е добро, меѓутоа, само тоа сметам дека е недоволно и е многу општо и се сведува на личен избор на родителите и децата: што, во колкава мера и дали тоа ќе го реализираат. Затоа е потребно соработка и континуирана комуникација на наставниците со родителите и учениците од своите паралелки преку интернет, социјалните мрежи, при што ќе им задаваат конкретни насоки и активности. Јас лично, избирам содржини и активности според наставниот план и програма, изготвувам работни листови, презентации, изнаоѓам креативни идеи и решенија во врска со материјалот по предмети како и некои едукативни линкови и ги постирам во нашата фб група. Им нудам можност да ми ги испраќаат изработените задачи, со цел проверување на истите и овозможување повратна информација, а со тоа материјалот да биде навистина во голема мера совладан. Посакувам што е можно побрзо да излеземе од оваа ситуација и повторно да ги видам насмеаните лица на моите прекрасни ученици назад во училишните клупи.
Софија Јанкова Талевска,
наставник по македонски јазик и информатика ОУ „Св. Кирил и Методиј“
Онлајн учењето има огромен број на предности во однос на традиционалното учење. Тоа не значи дека учењето е полесно, само дека е поудобно од аспект на тоа што ги надминува пречките кои ги подразбира учењето во училница – географски бариери, временски ограничувања и сл. Досега сум предавала повеќе предмети и сум користела различни начини да го пренесам знаењето кое треба да го стекнат учениците. Конкретно за предметот македонски јазик, презентациите кои ги изработувам во https://prezi.com/ учениците имаат можност да си повторат она што го учеле; ја користиме страната http://makedonika.mk/ за читање на лектирите онлајн; https://pravopis.mk/ и др. По информатика честопати следиме туторијали од YouTube за работа во Scratch, MS Excell, MS Word; максимално ги користам страниците препорачани од БРО како https://code.org/, онлајн едитор на https://scratch.mit.edu/ каде учениците може да ги работат вежбите онлајн и да ги зачуваат итн. Доколку ситуацијава се пролонгира, се надевам ќе можам да подготвам онлајн тестови кои учениците ќе може да ги направат на своите компјутери дома.
Снежана Захариева,
наставник по математика ОУ„Св Климент Охридски“
Современата настава бара современ приод – напуштањето на традиционалното учење значи, меѓу другото, проширување на можностите и начините на учење кај учениците. Математичките игри се одличен начин да се разбие монотонијата во наставата. Атмосферата е поопуштена и комуникацијата е поотворена. Од друга страна, компјутерските игри се лесно достапни (секое училиште има интернет пристап), а и финансиски се поисплатливи (не се потребни материјални средства, само креативност и добра волја на наставникот). Како поформален начин на комуникација со учениците и родителите во споредба со фејсбук групите, Скајп, Вибер и други слични апликации, речиси десет години ја надополнувам и надградувам мојата веб страна МАТЕМАТИКА и тоа не само со математички игри, туку и тестови, квизови, работни и наставни листови, презентации, изработки од учениците… Сите содржини правилно се класифицирани: според одделение, наставна содржина на која се однесуваат, цели и критериуми (ниво на знаење кое е потребно). Лесната навигација низ страната е клучен фактор за прифаќањето на ваквиот начин на работа со учениците. На крај на час, прашањето кое најчесто ми е поставено е дали материјалот кој сме го работеле, ќе го има на веб страната. Учениците чувствуваат сигурност кога знаат дека она што се работело на час им е секогаш достапно дома. И родителите имаат увид во материјалот кој се работел на час, па освен учебник имаат и дополнителен извор на материјали за учење со своето дете. Ваквиот начин на работа се покажа многу погоден за ситуацијата во која деновиве се наоѓаме. Деновите во карантин не мора да бидат изгубени денови за учење. Освен што не посетуваме училиште, принципот на работа остана ист – јас поставувам нови содржини на страната, а учениците ги следат упатствата. Можеби успехот на ваквата настава не е на исто ниво како кога би биле во редовна настава, но придобивки секако има – континуитет во учењето и мали пропусти кои покасно многу полесно ќе се отстранат отколку ако нема никаков облик на настава.
Учењето дома предизвик и за родителите кои сега можат да се вклучат активно во улогата на едукатор. Да учат, читаат, бидат креативни. Да одговараат на прашања, да ги слушаат нивните идеи , размислувања. Без стрес, притисок, тестови, споредување со други деца. Ова може да биде и прилика да бидете со своето дете повеќе време, да разберете што навистина го интересира во учењето и да го поттикнете да се споредува самото со себе во напредувањето во овој процес. Секако да сочуствувате и зборувате за нивните емоции и да ги разберете истите во овој специфичен период.






