Во време на вонредна состојба кога насекаде ја слушаме препораката “СЕДИ ДОМА“ сепак некои наши сограѓани се наоѓаат на работните места, каде во вонредни услови ги извршуваат работните задачи.
Зоран Мишевски е спортски новинар, моментално работи за ТВ ТЕРА и спортскиот портал Gol.mk, кој работи од дома за време додека е вонредна состојба и спортот мирува, а читателите и гледачите се “гладни“ за вести, пред се за спортските јунаци кои сега се во карантин.
За неговата работа од дома, далеку од спортските арени Мишевски вели:
-Ова е дефинитивно моето најнеобично искуство. Можеби за време на летните месеци кога е летната пауза во поголем број спортови, е спортски попразно, но ваков спортски мрак не постоел во историјата. Обврските на спортските новинари се поинакви. Главно информираме за идеите дали и како да продолжат спортските натпреварувања и што прават спортистите во изолација. Јас секојдневно ги извршувам моите професионални обврски во моите медиуми ТЕРА ТВ и Gol.mk, но во недостиг на натпреварувања, дефинитивно е поразлично.
Какви се спортските вести кои сега ги пласирате во една ваква невообичаена состојба за светскиот спорт, Мишевски ни рече:
-Во овој период се огласуваат клубовите, федерациите, спортистите со идеи како преживеат за и по пандемијата ковид-19. Исто така интересна тема која ја обработуваме е како спортистите инвидуално тренираат во своите домови и колку тоа ќе се одрази на нивната форма кога ќе се вратат во натпреварувачки ритам. Сигурно овој период е период на потсетување на најзебележителните настани во историјата, анализа на одиграното, најава на она што следува. Деновиве требаше целата нација да пулсира со фудбалската репрезентација во обид да се пласираме на Европско првенство, но мисијата е одложена за во јуни, бидејќи сега имаме поважна мисија, но тоа е тоа затоа сакам да ја упатам универзалната порака, која ја упатуваат сите спортисти, кон битолските љубители на спортот:
-СЕДИ СИ ДОМА, останете дома и слушајте ги советите на стручните лица.






