Центарот за човекови права “АМОС“ овие денови ќе одбележи 19 години од формирањето, но оваа година заради кризната ситуација активностите се реализираат на поинаков начин.
Ги исконтактиравме Претседателот на овој центар д-р Сашо Кочанковски и секретарот Билјана Темелковска-Бејковска кои ни одговорија на прашања поврзани со активностите на овој Центар во овие денови на вонредна состојба и одбележувањето 19 години од нивно постоење. При тоа ни испратија и фотографии. Комуникација се одвиваше по електронски пат заради почитување на донесените мерки на заштита.
-Во овој период на вонредна состојба, заради пандемијата од COVID-19 настојуваме да им помогнеме на децата и младите да го зачуваат менталното здравје. Психолозите и психотерапевтите од нашето здружение, промовирајќи ја својата солидарност и професионалност, ги нудат своите услуги за психолошка поддршка и помош преку телефон.
Кога е формиран АМОС Центар за човекови права?
-Центарот за човекови права „АМОС“- Битола е регистриран на 6.4.2001 година како здружение на граѓани кое посветува сериозно внимание на следни сегменти: промовирање, имплементирање, застапување и образование за човековите права, женските човекови права. Тука пред се детските права нивно застапување со цел да се помогне за правилен развој на децата за да можат да израснат во здрави личности со среќни семејства, преку едукација и асистенција, онака како што се содржани во меѓународните и домашните документи.
Како ќе ги одбележувате 19 години постоење на Центарот за човекови права „АМОС“
-Оваа година славиме 19 години и овој роденден ќе го одбележиме со публикување на Прирачникот за образование за човекови права за млади – „КОМПАС“ во издание на Совет на Европа, а кој веќе го преведовме на македонски јазик. Но овие ќе се помести кога ќе заврши вонредната состојба Во изминативе години реализиравме два национални тренинг курсеви за човекови права со млади луѓе, многбројни проекти (локални, национални и меѓународни), семинари и работилници. Особено се гордееме со нашите публикации – 4 прирачници од областа на образованието за човекови права и детските права, издадени од Совет на Европа, и преведени на македонски јазик: Прирачникот за образование за човекови права со деца „Компасито“, Живеење во демократија“, „Како сите наставници можат да го поддржат граѓанството и образованието за човекови права: рамка за развивање на компетенциите“ и Прирачникот за образование за човекови права за млади „Компас“.
Планови за понатаму
-„АМОС“ е членка на повеќе локални, национални и меѓународни мрежи. Нашите членови редовно посетуваат тренинзи и семинари, во земјата и странство, и стекнуваат знаења и разменуваат искуства. Наша цел и мисија и понатаму да продолжиме со обуки за образование за човекови права и демократско граѓанство со деца и млади.
Жанета Ристевска






