Во време на вонредна состојба кога насекаде ја слушаме препораката “СЕДИ СИ ДОМА“, некои наши сограѓани се наоѓаат на работните места, каде во вонредни услови ги извршуваат секојдневните работните задачи.
Како професорите кои предаваат во средното образование се снаоѓаат во вонредната состојба и како се прилагодуваат тие и учениците на ваквата состојба професорот по физичко образование во Горната Гимназија во Битола, Кире Грбевски ни напиша:
-Живееме во период на изолација и кога секој од нас мора да се прилагоди на посебен вид на функционирање. Имаме ограничено движење и мора нашиот простор за живеење да го прилагодиме за работа, забава, спортување, учење и за се што ние потребно. Состојбата со короната ни наметна нови форми на работа и комуницирање каде се повеќе се повикуваме на информатичкта технологија и интернетот.
За тоа како се спроведува наставата по физичко образование и како ја спроведува наставата наместо во школскиот двор или спортските сали додава:
-Јас како професор по спорт и спортски тренер пред “короната“ искрено бев поборник за учениците и спортистите повеќе време да бидат активни, а помалку да седат пред комјутер и телефон, но сегашната состојба ја промени мојата “стратегија“. Моментално користам апликација за комуникација со моите ученици за размена на информации и давање на совети и насоки за работа. Огромна е разликата во спортување во сала и во домашни услови, секако учениците кои имааат просторни услови тие имаат поголема предност.
-Јас и моите колеги ги мотивираме учениците и претежно даваме упатства за вежби со сопствена тежина кои можат де се изведуваат во мал простор. Сега е многу важно да се има голем мотив за индивидуален тренинг и паралелно покрај фит-формата да се јакне и психичката стабилност кај учениците. На интернет се наоѓаат безброј апликации и информации за секаков вид на вежбање, секој ученик индивидуално да се адаптира, да си биди свој тренер и мотиватор за работа, а информатичката технологијата да ја стави во функција за подобрување на својата психофизичка состојба, вели Грбевски за тоа како се спроведува наставата по физичко образование, а до неговите и сите ученици ја испрати пораката:
-Сите ние вклучувајки ги и учениците во средното и основното образование без искучоци треба да ги почитуваме препораките и да ги почитуваме мерките за заштита од “ковид 19“. Секако треба сите да бидат вклучени во наставата преку овој начин на учење кој сега го имаме, а посебно оние кои се матуранти кои ќе го продолжат школувањето на факултетите. Денес имавме и олабавување на некои мерки, па да очекуваме дека за брзо време ќе имаме и многу поголемо намалување на мерките.






