СВР Битола поднесе кривична пријава против 34 годишник од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и едно кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 11.08.2019 од полициски службеници биле преземени мерки за запирање на патничко возило кое било управувано од пријавениот, при што тој не запрел на дадениот знак и во близина на Кукуречанска раскрсница, преку прозорец од возилото, исфрлил марихуана. На 06.09.2019, при извршен претрес во неговиот дом, била пронајдена марихуана. Покрај ова, во текот на 2019 на различни локации низ Битола, пријавениот во повеќе наврати му продавал марихуана на 17-годишник од Битола.
СВР Битола поднесе кривична пријава против двајцата жители од село Лажец, битолско, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 23.03.2019 од полициски службеници, при извршен претрес во домот на првопријавениот, биле пронајдени и одземени два сигнални пиштола кои ги поседувал без дозвола, додека второпријавениот, во текот на март 2019, во неговата градина пронашол стара неексплодирана артилериска граната калибар 75 мм, со потекло од Првата светска војна и истата не ја пријавил кај надлежен орган, туку неовластено ја држел во својот двор.
СВР Битола поднесе кривична пријава против 48 годишник од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривичнo делo „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 27.08.2019 од полициски службеници, при извршен претрес во домот на првопријавениот, биле пронајдени и одземени сигнален пиштол и куршум со калибар 7,62 мм, кои ги поседувал без дозвола.
СВР Битола поднесе кривична пријава против двајца граѓани од Р. Грција на 42 и 40 годишна возраст, правно лице од Битола и 61 годишник од Битола, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „оштетување или повластување на доверители“. Со Решение за отварање и заклучување на стечајна постапка од Основен суд Битола, на 18.07.2018 била завршена стечајната и претходната постапка на пријавеното правно лице, по што на 21.08.2018, на предлог на доверителот ЈП „Комуналец“ од Битола, Основен суд донел Решение за отварање на стечајна постапка над имотот на третопријавеното правно лице, при што доверителите во предвидениот законски рок ги пријавиле своите побарувања и било утврдено дека непосредно пред отворањето на стечајната постапка, машините и опремата биле продадени, иако истите се прикажани во Годишната пресметка и билансот на состојбата за 2017 година, додека прво и второпријавените биле основачи и сопственици на третопријавеното правно лице. Притоа, според 10 фактури издадени во месец мај 2018 на име компензација на побарување, на девет правни субјекти им биле продадени машини, залихи на производи, опрема и патничко возило, во вкупен износ од 4.120.190 денари, а со капитал на прво и второпријавените, основан бил нов правен субјект – фирма од Битола, која работела во свое име, а за сметка на оснивачите. Непосредно пред отворањето на стечајната постапка, откако стечајниот должник станал неликвиден, формираната фирма од Битола била ставена во поповолна позиција пред останатите доверители, при што по налог на прво и второпријавените кои веќе ја напуштиле државата, четвртопријавената била назначена за управител и ги вршела продажбите, техничката организација и изготвувањето на документцијата, по што со задоцнување од 17 дена овозможила да се изврши попис на опремата и залихите во правното лице.






