Press "Enter" to skip to content

Архиерејска Божествена Литургија во храмот “Св. Великомаченица Недела“ во Битола (фото)

Денес, понеделник, кога се празнива споменот на Светата Великомаченица Киријакија (Недела) Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите: Стеван Здравески, Пенчо Пусоски, Димитар Михајловски, ерејот Крсте Тасески, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела, во Битола.-Браќа и сестри, дивен е Бог и во денешната славеничка Светата Великомаченица Недела, која во нашата вера била воспитана од нејзините благочестиви и набожни родители, Теодор и Евсевија, кои биле богати луѓе и го исполнувале Законот Божји. Тие живееле набожно, но немале чеда, па затоа постојано Му се молеле на Бога, Господ да им даде чедо, кое Нему ќе Му Го посветат. Па така ѝ се случува. Господ им ја дал Света Недела, кој била родена во недела, па затоа го добила и името Недела. Света Недела уште од мали нозе била воспитана во нашата Света Православна Вера, и уште како мало дете многу Го засакала Христа нашиот Бог и Спасител и Нему Му се посветила. Нејзината единствена најголема желба била  целиот свој живот да остане девојка, зашто Му се ветила на Христа нашиот Бог и Спасител, дека ќе Му биле верна и целиот нејзин живот Нему да Му го подари, како возврат за љубовта што Христос нашиот Бог ја направил кон нас луѓето, им се обрати на верниците Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар.-Кога Света Недела пораснала, станала прекрасна не само по тело, туку и по својата душа, па така многумина посакале да ја испросат за жена, но таа сите ги одбивала со зборовите дека на Христа Му е ветена, Нему да Му биде вечно невеста. Ете, браќа и сестри, поради тоа се озлобиле и ја наклеветиле на царот. Времето кога живеела Света Недела, е времето кога со Римската Империја управувал царот Диоклицијан и неговиот зет Максимијан, кој бил негов совладетел во Римското Царство. Во времето на овие злогласни цареви, родителите на Света Недела биле прогонети од Анадолија, денешна Турција во градот Милетина, каде маченички го завршиле својот живот. По мачеништвото на своите родители, и Света Недела била наклеветена дека е христијанка.-Света Недела била подложна на страшни маки, од совладетелот на Диоклицијан, Максимијан, кој не успеал да ја покори. После него бил доведен да ја измачува некојси мачител Иларион, а потоа и некој си Аполониј, кои ја мачеле на разни начини. Света Недела била биена по плеќите со воловски жили, била тепана и по лицето, но таа и покрај сите страдања, останала верна на Христа нашиот Бог и Спасител, па затоа се нарекува и великомаченичка. Света Недела била фрлена во темница, во затвор, каде Господ лично и се јавил и ја излекувал од сите рани. Мачителот не можејќи да го поднесе сето ова,  донел одлука, Света Недела да биде погубена  со меч, односно да и се пресече нејзината глава. Пред да ја погубат, Света Недела ги замолила џелатите да причекаат да Му се помоли на Христа нашиот Бог и Спасител, а откако се помолила, таа веднаш ја испуштила својата благородна душа и Господ ја примил во Царството Небесно, пред да падне мечот врз вратот на најзиното тело, рече Митрополитот Петар на денешната Лутургија во црквата “Св. Недела“.И вчера, на 19 јули, во предвечерието на празникот на Светата Великомаченичка Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, отслужи празничан Вечерна богослужба во храмот „Света Великомаченица Недела“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.