По повод верскиот празник Голема Богородица, кој се прославува и како Ден на рударите, во РЕК “Битола“ беа доделени награди и признанија за најдобрите работници.
Наградите ги додели Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, кој ги поздрави вработените и им го честита празникот, нагласувајќи ја важната улога која рударите ја имаат во РЕК “Битола“ чие производство на електрична енергија почива на јагленот, како и нивното значење во рамките на целата
компанија АД ЕСМ.
-Нашите рудари се првите во синџирот на производство на електричната енергија во термоелектраните. Се почнува во рудникот, од јагленот. Исто така, тука се и сите други вработени во другите сектори, но тоа што е заедничко за сите е споделувањето на една работна околина која е тешка за работа, која бара многу и која е многу одговорна. Државата енергетски се потпира на нас и тоа е нешто за што сите мора да сме свесни во секој момент, бидејќи тоа е голема одговорност, им порача директорот Ковачевски на вработените.
На пригодна церемонија во РЕК “Битола“ по повод празникот беа доделени награди, пофалници и плакети за покажана успешност, пожртвуваност и посветеност во извршувањето на работните задачи на 35 вработени во РЕК “Битола“, како и признанија за двајца работници од РЕК “Битола“ пензионирани со најдолг стаж меѓу двата празника.
Дел од пофалниците се доделуваат и за особена пожртвуваност при справувањето со последиците од поплавите што го зафатија еден од двата рудника во РЕК “Битола“, Суводол, во август годинава.
Директор на РЕК “Битола“, Златко Ќурчиевски и директорот на ПЕ “Рудници“, Драган Видановски, денеска ги посетија вработените во рудникот кои непрекинато ги извршуваат работите за повторно целосно оспособување на ископот на јаглен и лично им го честитаа Денот на рударите.






