Денеска на Техничкиот факултет – Битола се одржа Првата студентска конференција
„Техниката и урбаниот развој-ТУР“. Станува збор за студентска научна конференција, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на науката.
Од име на УКЛО, значајната студентска активност ја поздравија проректорите; проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Марјан Ѓуровски.
Проректорот Неделкоски изрази задоволство дека студентите се потрудија да се занимаваат со наука што е особено тешко во овие услови и се надева конференцијата да прерасне во универзитетска и традиционална.
Проректорот Ѓуровски посочи дека инспирирани од науката која има клучна улога во работата на секој универзитет, УКЛО преку серија настани ја приближи науката во секојдневниот живот на студентите, бизнис заедницата и пошироката општествена јавност.
-Да се биде дел од науката и да се практицира истата во секојдневниот живот бара многу умешност и знаење. Тој меѓу другото посочи дека: „се залагаме за воспоставување на синергија меѓу студентите-професорите-бизнис заедницата и државните институции. Ќе се заложиме за поголемо вклучување на студентите во истражувачки работи на Факултетите и потикнување и модернизација на процесот на пракса преку законски измени, а потоа конретни мерки на стекнување на практични знаења. Само преку успешен спој на теоријата со праксата ќе изградиме студент кој може да одговори на потребите на пазарот, но и тој самиот да се најде овде дома, наместо пред или по студирање да ја напушти земјата. Приоритет во иднина е зголемување на мобилноста на студентите и академскиот кадар надвор од државата, поголема присустност на странски студент на нашите факултети и размена на искуства и знаења.
Според вонр. проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, првата студентска конференција има едукативен и апликативен карактер и им овозможува на студентите да ги продлабочат своите знаења и од аспект на одржливиот урбан развој има голема важност, во услови кога енергетската ефикасност, сообраќајот и глобалните климатски промени покрај здравствената криза се основни светски предивици. За среќа, науката и иновативните решенија од областа на техничките науки можат да понудат одговори на современите проблеми.
Билјана Велјановска, студент во четврта година на Техничкиот факултет, вели дека ФСС ги поддржа студентите од Сообраќајната студентска единица под раководство на проф. д- р Јасмина Буневска Талевска во реализација на конференцијата насловена како Технологијата и Урбаниот развој.
На оваа конференција учествуваат студенти од ТФБ со свои трудови под менторство на нивните професори. Конференцијата обработува теми со кои студентите дадваат свој придонес во решавање на прашања што во моментов се светски проблеми, а изнаоѓањето на решенија на локално ниво многу ќе придонесе за зачувување на животната средина.
На Конференцијата беа пријавени 8 студентски трудови од кои еден труд е од машинскиот отсек, 2 трудови од отсекот за електрои енергетски системи и 5 трудови од сообраќајниот отсек. Изработените теми за учество на конференцијата претходно беа разгледани и оценети од комисија составена од професори на факултетот. На конференцијата се доделени три награди од страна на стопанственици чија што примарна дејност е сообраќајот и безбедноста во него.
Најдобрите три трудови се наградени со парични награди доселени од стопанството, вели, вонр. проф. д-р Јасмина Буневска Талевска и во насока на дополнителчна мотивираност на студентите за наука потенцира дека и наградените и сите други трудови, со одредено дополнување, доработка и подобрување, ќе добијат шанса да се претстават на третата интернационална конференција „Транспортот во денешното општество“ во октомври 2021 година.
Инаку, УКЛО активно се вклучи во одбележување на 10 Ноември – Светскиoт ден на науката и, по тој повод, Kомисијата за наука и меѓународна соработка одржа онлајн седница на којашто се нотирани достигнувања на академски кадри меѓу две одбележувања, со што Универзитетот ја промовира и афирмира науката и научните достигнувања како еден од приоритетите во своето работење и делување.
Б.Атанасоска






