На “Магнолија“ во Битола, на 3. декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби ја започнува кампањата “Почит и поддршка за ВИДЛИВА и НЕВИДЛИВА попреченост.
Ништо за нас, без нас!“ Оваа кампања за прв пат ја започнуваме во Битола и истата е поддржана од страна на Општинскиот совет за социјална заштита при општина Битола, Црвен крст – Битола и Здружението на еднородителски семејства „Дел од сите“. Со финансиска поддршка од општина Битола овозможено беше печатењето на промотивните материјали (флаери, лепенки, беџови, ленти) со кои сакаме да ја запознаеме пошироката јавност, институциите и организациите за видливата и невидливата попреченост, но и како да се однесуваме и да комуницираме со оваа категорија на граѓани.
На настанот ни се придружи и ОУ “Св. Климент Охридски“ од Битола со изработен постер по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост и со присуство на нивни ученици, со што многу не израдуваа и не направија особено горди.
На плоштадот Магнолија беше поставен штанд со промотивни материјали, а младите волонтери од Ресурсниот Центар и Црвениот крст започнаа со делење на промотивните материјали низ институции и организации (училишта, маркети, банки…) каде што најчесто може да сретнеме деца и лица со попреченост. Промотивните материјали ќе продолжат да се делат во текот на месец декември.
Според светската статистика 10-14% од населението живее со некаков вид на попреченост. Тоа подразбира дека најмалку 25% од вкупното население е допрено и засегнато од попреченоста. При контактите со лицата со попреченост луѓето најчесто се збунети и не знаат како да постапат и како соодветно да комуницираат. Ова се случува поради недоволна информираност за можностите на лицата со попреченост и начините на кои може да им се даде поддршка и помош.
Сонцето претставува наш симбил со кој сакаме да укажеме на лицата, децата и нивните семејства со видлива и невидлива попреченост. Кога нештото е видливо, тогаш на сите ни е јасно дека се работи за попреченост, меѓутоа постои и невидливата попреченост.
Не секоја попреченост е видлива, не секоја тага е видлива, не секоја љубов се кажува со зборовите ТЕ САКАМ. Затоа погледни во сонцето и гледај и слушај и покажи љубов и разбирање. Препознај го Сонцето, препознај ја попреченоста. Не треба дури ни да ја разбереш.
Гледај за да видиш
Слушај за да разбереш
Поддржи и помагај
Имај трпение и толерирај
Допри за да почувствуваш
Да ги споиме нашите светови и да погледнеме во Сонцето.
Почитувањето, поддршката и прифаќањето на различностите е достигнување на
цивилизирано општество и дел од нашата традиција!
ПОГЛЕДНИ ВО СОНЦЕТО!






