По повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) од 2006 година востанови Национални волонтерски награди. Целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.
-Годинава пандемијата КОВИД-19 нè направи свесни за тоа колку сите сме меѓусебно поврзани и како последиците влијаат на сите нас, нè потсети колку е важна солидарноста, хуманоста, несебичноста и вклучувањето во акциите кои придонесуваат за подобрување на условите за живот во заедницата, велат од МКЦ Битола.
Оваа година МКЦ Битола додели златен сертификат за волонтерство на граѓанската иницијатива “3Д принт медицинска опрема“ за иницијативата која ја започнаа во март 2020 година – изработка и донација на заштитни маски со визири, заштитна опрема од вирусот Ковид 19. Ентузијасти на “3Д принт медицинска опрема“ покажаа што значи хуманост, поддршка на тие кои имаат потреба во најтешките моменти, заштита на личното и грижа за сеопштото јавно здравје, обединија повеќе од 22.000 граѓани, институции, компании… од цела држава од кои околу 200 граѓани активно се вклучија во акцијата и до овој момент изработија и донираа повеќе од 47.000 визири.
Тие се хероите на ова време кое ни донесе сосема нови предизвици, тие искрено и волонтерски ја нудат својата помош и поддршка на начин на којшто умеат да го прават тоа, со чисто срце без скриена агенда. Тие ја вратија вербата дека мала група на луѓе може да обедини цел мехнизам на граѓани и навистина да направи голема промена.
-Овој гест дополнително не мотивира нас и сите останати волонтери да се потрудиме, да помогнеме колку што можеме. Секоја иницијатива кон подобрување на ситуацијата е од големо значење за медицинскиот персонал како и за луѓето кои се погодени од пандемијата“ – велат иницијаторите на волонтерската иницијатива 3Д ПРИНТ МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА.






