Press "Enter" to skip to content

М-р Марина Крстиќ од Битола, автор на “Секое дете може да учи“-прирачник со работни листови за деца со пречки во развојот

Жанета Ристевска

Ако детето не може  да учи на начинот на кој ние го учиме тогаш мора да го учиме на начинот на кој тоа може да учи – непознат автор.

-Оваа мисла која се наоѓа на првата страна на делото “Секое дете може да учи“  произлезена од искуства во подучување и  работа со деца, беше вистински поттик и мисла водилка за  авторот м-р Марина Крстиќ од Битола. Издавањето на прирачник со работни листови за  деца со пречки во развојот е повод за разговор со м-р  Марина Крстиќ   кој произлезе од нејзиното 15 годишно искуство на работа со деца и лица со интелектуална пореченост и  единствен од ваков вид во нашата држава. Марина Крстиќ е магистрант дефектолог, специјален едукатор и рехабилитатор во Дневниот  центар за лица со интелектуална пореченост во Битола.Кажете ни повеќе околу идејата за издавање на  „Секое дете може да учи“ прирачник со работни листови?

-Овие работни листови настанаа како дел од мојата долгогодишна работа, искуства и практики со деца и лица со пречки во развојот. Имајќи во предвид дека во текот на работата со деца со попреченост наидувавме на потешкотии со едукативниот материјал кој треба да се користи за нивна едукација и рехабилитација, а секако не би требало да биде идентичен со едукативниот материјал за децата кои немаат пречки во развојот. Така се одлучив да создадам нешто што ќе биде применливо и корисно за помош и широка примена на сите нас. Со издавање на работните листови сакам да го пренесам моето искуство како стручно лице, бидејќи долги години работам активно на полето на создавање на подобри услови и можности за унапредување на квалитетот на живеење на децата и лицата со пречки во развојот. Сакам да им дадам еден вид поддршка на сите оние кои се спремни да ја унапредат својата работа и практики со овие деца.“Секое дете може да учи“ работни листови и нивна примена?

-Овој прирачник со работни листови е наменет за практичарите од областа на специјалната  едукација и рехабилитација. Тргнувајќи од целта за да го олеснат и унапредат процесот на воспитание и образование, пред се описменување на децата и учениците со различни видови на попреченост со ова превнствено са наменети за специјални едукатори , но секако огромен придонес ќе дадат и во работата на сите одделенски наставници кои ќе им ја олеснат работата во инклузивното образование. Покрај тоа тој може да послужи и на студентите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозовски факултет. Родителите како многу значајна алка во едукацијата на едно дете, секако ќе имаат корист од него. Тука ќе истакнам дека работните листови може да ги користат и деца од предучилишна возраст, потоа да се користат за  состојби на дисграфија, дискалкулија, дислексија на деца со потешкотии во учењето од училишна возраст.Што е  еопфатено во работните листови „Секое дете можа да учи“ и кои се ридобивките од примена на работните листови со вежби ?

-Децата со потешкотии во развојот имаат потешкотии во учењето. Предвидените содржини ги совладуваат потешко, бавно и долготрајно, со низа проблеми поради нивната целокупна психофизичка состојба во која се наоѓаат. Најголемиот дел од нив имаат краткотрајно внимание, концентрација, помнење, потешкотии во фината моторија, а често се присутни состојби на дисграфија, дискалкулија и дислексија. Повеќето од децата со потешкотии во развојот учат на конкретно ниво и сите активности и содржини кои ги задаваме потребно е да бидат сведени на тоа ниво за да можат истите да бидат совладани. Содржините на ракописот е распределена  во девет делови и преку овие девет области кои се опфатени во работните листови со вежби за: Фина моторика и линеација, Букви, Броеви, Форми, Бои, Делови на тело, Сетила, Емоции, Културно хигиенски навики со прибор за јадење и лична хигиена. Низ вежбите се овозможува нивно полесно и поефикасно совладување од страна на децата со пречки во развојот и истите го претставуваат основното скалило кое е многу значајно да се совлада, за да може да се совладаат посложени содржини.Кажете ни околу издавањето и промоција на овој прирачни работни листови “Секое дете може да учи“?

-“Секое дете може да учи“ работни листови е издадена во октомври, но заради ситуацијата со пандемијата, промоцијата се оддложи.  Се надевам дека во погоден период кога ќе се смири ситуацијата од закана на корона вирусот, ќе се направи пригодна промоција на која ќе присуствуваат сите оние кои придонесоа за да се реализира ова дело и оние кои се заинтересирани за истото. Би сакала да ги наведам и со ова да им заблагодарам  пред се на моите рецензенти проф.д-р Владимир Трајковски и вонреден  проф.д-р Оливера Рашиќ Цаневски. Ракописот го лекторираше Александра Лазаревска, а дизјнот на корица е на Билјана Макриевска. Секако тука ќе ја истакнам поддршката на мојот сопруг Саша и син Давид кои несебично ме поддржуваат во мојата работа.

Каде може да се најде оваа книга?

-“Секое дете може да учи“ прирачник со работни листови може да се купи во книжарите на Македонска книга преку која и други институции можат да ја набават. Преку наведениот линк оние кои се заинтересирани може да ја нарачаат “он-лајн“ на интернет.За крај што ќе додадете?

-Овде ќе нагласам дека во прирачникот се само дел од областите кои се работат со овие деца и за кои сметам дека се базични, но во иднина се надевам дека ќе успеам да  обработам и други области од кои ќе произлезат и нови содржини за работни листови. На крај ќе завршам со два цитати за кои сметам дека со многу малку зборови кажуваат многу и сметам дека кога ќе се прочитаат целосно ја опишуваат и оправдуваат смислата на ова мое дело:

„Децата се секогаш подготвени на чудо“- Оливера Мурајаова

Децата се исти и кога се различни“ – непознат автор