Press "Enter" to skip to content

Во центарот за грчки јазик “Пелагонија“ во Битола за идните студенти “он-лајн“ презентација на пет грчки универзитети

Одличен успех забележа онлајн презентацијата во организација на сертифицираниот центар за грчки јазик од Битола, “Пелагонија”, на која што беа претставени студиските програми на неколку универзитети од Република Грција. За време на презентацијата, која што можеше да се следи во живо преку платформите Youtube и Facebook, стотици заинтересирани ученици и студенти од Северна Македонија имаа можност да се запознаат со студиските програми на пет грчки универзитети и тоа: Универзитетот на Западна Македонија (University of Western Macedonia), Универзитетот на Јанина (University of Ioannina), Универзитетот во Атина (National and Kapodistrian University of Athens), Универзитетот Македонија (University of Macedonia) и Универзитетот на Крит (University of Crete).

Координаторот на програмата насловена “Студирај во Грција”, професорот Христос Михалакелис, ги презентираше сите понудени програми за додипломски, постдипломски и докторски студии на грчките универзитети, можностите за добивање стипендии и финансирање, како и студиските програми во Грција кои се нудат на англиски јазик.

Модератор на настанот беше одговорниот за наставата во здружението “Пелагонија”, Кристијан Велјанов, а обраќања имаа и Генералниот секретар за јавна дипломатија при грчкото Министерство за надворешни работи, професорот Јанис Хрисулакис, шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија при грчката Амбасада во Северна Македонија, Константинос Прокакис, како и грчкиот конзул во Битола, Ахилеас Ракинас.

Генералниот секретар за јавна дипломатија при грчкото Министерство за надворешни работи, професорот Јанис Хрисулакис, нагласи дека оваа презентација дополнително ќе ги зајакне академските врски помеѓу Северна Македонија и Грција, додавајќи дека грчките универзитети имаат развиено врвни научни групи кои опфаќаат широк спектар од сите современи научни полиња.

Советникот за јавна дипломатија при Aмбасадата на Грција во Северна Македонија, Константинос Прокакис, истакна дека оваа презентација на академските програми на грчките универзитети за јавноста во Северна Македонија сочинува важен чекор во промовирањето на високото образование како област за соработка помеѓу Грција и Северна Македонија.

Грчкиот конзул во Битола, Ахилеас Ракинас, го истакна позитивниот карактер на можноста на Грција да ги прифати младите од Северна Македонија како студенти на грчките високообразовни институции, нагласувајќи дека тоа би можело да е нешто што би придонело за европските стремежи на државата.

Презентацијата, која што се одвиваше на англиски јазик, е достапна на страната на здружението “Пелагонија” на следниов линк: pelagonija.org, како и на Youtube страната на здружението:  Pelagonia Association.