Press "Enter" to skip to content

Годишнини: Сто години од смртта на битолчанецот Димитар Хр. Ризов

Пишува: проф. д-р Томе Груевски

Денес се навршуваат сто години од смртта на битолчанецот Димитар Ризов (1860 – 23.IV 1918), македонски деец и бугарски општественик, политичар, дипломат, новинар и публицист. Учествува во дејноста на тајниот Македонски комитет чија прва цел е издвојување на автономија на Македонија. Тој е и уредник на весниците „Самозаштита“ (1885), „Македонскиот глас“ (1885 -1887), „Независност“ (1886) и др. Ризов бил пратеник во Третото големо народно собрание и бил бугарски дипломат. За време на Првата светска војна бил дипломат во Берлин (1915 – 1918).

Димитар Ризов е роден во 1860 година во Битола, Македонија. Со основно образование се стекнува во родниот град, а потоа завршил гимназија во Пловдив. Во 1881 година отворил книжарница во Битола, а подоцна во 1882 – 1883 година станал училишен инспектор на егзархиските училишта во Македонија. Во 1881 година Ризов ја објавил на француски јазик првата „Етнографија на Македонија“.Во 1883 година заедно со Насте Стојанов од Крушево го помогнал отворањето на книжарницата на прилепчанецот Коне Самарџиев во Солун. Тој е уредник на „Македонскиот календар – Св. Кирил и Методиј“, за кого собрал статии, научни истражувања, песни од видни личности како Трајко Китанчев, Константин Мишајков, Андреј Љапчев и др. и ги пратил за печатење во Солун.

Во 1884 година Димитар Ризов се населил во Кнежевството Бугарија и како многу македонски емигранти се вклучил во политичкиот живот во Бугарија.  Во Пловдив тој го уредувал весникот на Либералната партија „Трновски устав“ („Трновска конституција“). Во 1887 година Ризов продолжил со образованието на Универзитетот во Лиеж, Белгија. По враќањето го издавал весник „Христо Ботев“, во кој остро го нападнал кнезот Фердинанд I, поради што бил уапсен и осуден на две години затвор.

Димитар Ризов е еден од многубројните  македонски емигранти во Бугарија, во втората половина на 19 век кои се приспособувале кон новиот живот, и натаму во себе ја носеа единствената мисла и желба за неодвоивоста од својот народ, иако по силата на условите го истакнувале заедништвото со Бугарите. Тие насекаде и во секоја можност ги истакнуваат своите македонски специфичности и битие. Како резултат на тоа, во областа на печатот беше и појавата на првиот македонски весник во Бугарија – „Македонскиј глас“ од 1885 година чии уредници беа Димитар Ризов од Битола и Илија Ѓоргов од Велес. Во оваа прилика ја истакнуваме неговата заслуга за издавањето на првиот македонски весник во Кнежевството Бугарија, во 1885 година.

Првиот македонски весник „Македонскиј глас“

 Зошто овој весник го сметаме за почеток на македонскиот печат? Пред сè затоа што весникот го  издаваат Македонци, а потоа и што си поставил задача – македонското прашање, кое веќе се наоѓаше во центарот на вниманието на европската дипломатија, да го подигне од мртвата точка и дека, како што се вели во програмската статија, „ќе бара од големите сили најитно да се реализираат членовите 23 и 62 од Берлинскиот договор …како единствен ‘модус вивенди’ македонскиот народ да се зачува од целосно истребување“. Понатаму во програмата на овој весник се додава дека доколку не се остварат поставките на Договорот, „Македонскиј глас“ тешко ќе може да не се солидаризира со едно движење кое ќе има за цел самостојно да се грижи за судбината на оваа ропска и страдална земја“.

Според поставените критериуми, оваа програмска декларација на „Македонскиј глас“, одговара на прашањето за почетоците на македонскиот печат. Првиот број на весникот излегол на 5 јануари 1885 година, во Софија. Основачи и уредници биле познатите македонски општественици Илија Ѓоргов од Велес и Димитар Ризов од Битола,дипломатна бугарската влада на Константин Стоилов. Весникот излегувал неделно, во Софија. „Македонскиј глас“, со своето двегодишно излегување и трисет и петте броја одигра пионерска улога не само во поставувањето на македонското прашање како политички и дипломатски проблем од широко европско значење, туку и во поглед на неговата внатрешна содржина, доколку тоа го дозволувале условите. Последниот триесет и петти број излегол како јубилеен, посветен на 25-годишнината од смртта на Браќата Миладиновци.Во 1887 година, пак, во Софија, под уредништво на Иван Шандоров од Штип, се појавил весникот „Вардар“, а веќе следната година најнапред во Русе, а потоа и во Софија се појавил и весникот „Македонија“, (1888) чиј главен уредник и сопственик бил охриѓанецот Коста Шахов. Тие весници имале цел македонската емиграција во Бугарија да ја информираат за настаните во Македонија, но исто така и настојувале да го истакнат македонското прашање и да го вметнат во сферата на македонската дипломатија.

Активноста меѓу македонската емиграција

По падот на владата на Стефан Стамболов, Ризов ѝ се приклучува на македонската емиграција во барањата за спроведување на реформи во Македонија врз членот 23 од Берлинскиот конгрес. Димитар Ризов учествува во формирањето на Братски сојуз на 27 декември 1894 година во Софија зедно со Трајко Китанчев, Никола Наумов, Андреј Љапчев, Наум Туфекчиев и Тома Карајовов. Во меѓувреме дошло до обединување на мекедонските друштва во Бугарија, за време на првиот македонски конгрес на кој и Димитар Ризов бил делегат. Активно продолжил да учествува во општествениот и политички живот на македонската емиграција сега во рамките на Македонскиот Комитет, подоцна познат како Врховен Македонски Комитет. Димитар Ризов и Наум Туфекчиев биле главните организатори на неуспешниот обид за убиство на Стефан Стамболов. На 27 март (15 март стар стил) 1891 година наместо Стамболов бил убиен министерот за финансии Христо Белчев. Осомничен за овој настан бил Дамјан Груев кој потоа ја напуштил Софија.

Поради честата промена на политичките ставови, Ризов го стекнал прекарот „Човек на стоте мислења“. Меѓутоа и покрај тоа, Ѓорче Петров за него ќе каже дека најдобро од сите се држел. Според Христо Татарчев, Ризов се држел џентлменски, ја заштитувал тезата на бугарската влада, но пред неа ги застапувал и интересите на Организацијата. Станува збор за една недообјаснета личност во македонската национална историја, човек кој неможе да ги разграничи своите светогледи, човек кој има свои заслуги за македонското национално дело но и личност која во политичката и општествена активност во Бугарија постигнал блескава кариера. Работел како егзрхиски инспектор на бугарските училишта во Македонија (1880 година). Во 1884 година се вклучува во политичкиот живот на Бугарија, и е еден од многуте македонци кои ќе навлезаат во општеството и ќе играат важна улога во политичкиот и општестевен живот на Бугарија.

Во зборникот „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, Скопје 1981, том 1., на стр. 539 уредниците ќе забележат дека: „Општествениот деец од Македонија, Димитар Ризов, имал можности отворено да се стави во услуга на великобугарската национална кауза и на великобугарската државна политика. За таа своја поткопувачка дејност тој бил демаскиран и јавно критикуван од страна на Ѓорче Петров“.

Средбата со Мештровиќ и Лав Толстој

Во моментите на носталгија Ризов пристапувал поинаку кон проблемот на Македонија и кон македонското прашање. Познатиот скулптор Иван Мештровиќ во своите „Спомени“, (1969) зборувајќи за своето познанство со Димитар Ризов во Рим во 1912 година, каде бил дипломат,  ги бележи следните негови ставови: „Мене, како на Хрват, ми ја објаснуваше вистинската состојба на работите во Македонија и ми зборуваше дека е штета што првата славјанска слободна држава не е создадена во Македонија, која во заедницата еднакво би ги привлекувала Бугарите и Србите и би била алка, а не раздор помеѓу Србите и Бугарите. …Ми раскажуваше дека Македонците, говорејќи за објективната вистина, не се ни Бугари, ни Срби, туку македонски Славјани, кои говорат на свој посебен македонски јазик или наречје. …Нашиот свет, рече, беше само „Македонски христијанин“, потоа стана, кога се разви грчката пропаганда, „Македонски христијанин Славјанин“. Нам ни беше сеедно која христијанска земја, ќе ни помогне да се ослободиме од Турците… Вистина е дека професорите во гимназијата ни зборуваа оти сме Срби, како и на оние во бугарската гимназија оти сме Бугари, но ние во себе си мислевме, а тоа и дома ни го зборуваа: сеедно, нека прикажуваат тие, но ние сме си македонски Славјани христијани…“

Димитар Ризов е важен во нашата историја и по неговиот обид да го убеди славниот писател Лев Николаевич Толстој јавно да се заложи за слободата на Македонија. Според објавената колумна на професорот Драги Михајловски, Ризов преку своите влијателни пријатели, тој успеал да издејствува средба со генијалниот гроф која се остварила на 21 декември 1898 година. „Постојат повеќе соопштенија за деталите од нивниот долг, доцновечерен разговор во Јасна Полјана, но она што нас, секако, не интересира е како реагирал Толстој на барањето на неговиот гостин. За жал, одговорот бил негативен. Не дека писателот немал разбирање за тешката положба на Македонците која Ризов многу сликовито му ја доловил, туку проблемот лежел во убедувањето на авторот на „Војна и мир“ дека тој може да дејствува само етички, а не политички, дека на злото не треба да се возвраќа со зло, дека нему секоја човечка власт му е противна итн. Тргнувајќи од ваквите морални начела, нивниот разговор завршил со следниве зборови на Толстој: „Работата со вашата Македонија е друго нешто: таму се работи да се заменат турските власти со христијански или кое е повистинито, со бугарски. Таа промена по моему ќе ја измени само надворешната страна на положбата, но не и нејзината внатрешна содржина. Власта ќе си биде пак власт, само можеби поинтелигентна; даноците ќе си бидат пак даноци а можеби ќе се наголемат. Една нова беда ќе ги снајде македонските христијани: ќе им ги земаат синовите во војска и ќе ги учат да убиваат луѓе. А работниот народ, оние испопукани раце што ве хранат, какви облаги ќе видат? Не заборавајте дека јас на светот гледам поинаку!“ Може само да нагодуваме со колкав восхит од пророчката личност на писателот но и со колку тучна достага на срце заради „курцшлусот“ во светогледите и неисполнетата мисија таа ноќ Ризов, качен на клатечката колесница, заминал од Јасна Полјана! Сепак, Ризов никогаш не се откажал од борбата за решавање на македонското прашање.

Димитар Ризов умира пред сто гидини на 23 април 1918 година во Берлин, Германија.

More from БитолаMore posts in Битола »