Во Универзитетската библиотека во Битола денес беше промовирана книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик“ од м-р Мирјана Стојановска од Битола. Промотор на книгата беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, фрагменти од книгата читаше Јана Ѓоргиевска, а со впечатливи музички точки настапи солистот Драган Микаровски.
Промоцијата се одржа по протокол, во присуство на дваесетина гости, меѓу кои владиката на Преспанско-Пелагониската епархија г-дин Петар, деканот на Педагошкиот факултет во Битола, Добри Петровски, Претседатрелската на МНД Битола -Невена Груевска, наставници и професори по македонски јазик.
Најнапред пред присутните се обрати директорот на НУУБ Бојан Стефановски кој го искажа задоволството што по долго време заради пандемијата, за првпат се одржува промоција на значајна книга и тоа во пресрет на големиот сесловенски празник св. Кирил и Методиј.
Промоторот на книгата проф. д-р Даниела А. Трајковска го истакна значењето на оваа книга прирачник за наставата по македонски јазик посебно што се чуствува недостаток од овој тип на литература во основното и средното образование.
-Книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик“ е магистерски труд на Стојановска во која е објавен првиот теоретски дел од овај труд кој опфаќа: историски пристап во развојот на стилските фигури, класификација и објаснување на четириесет изразни средства низ примери во лирски песни и методски решенија за полесно изучување на стилските фигури во наставата по македонски јазик во основно и средно образование. Книгата има научен, систематски пристап, студиозна сеопфатна анализа и примери за полесно разбирање, изучување и користење на стилските фигури во наставата по македонски јазик. Во недостиг на литература од овој вид, книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик“ се очекува да даде значаен придонес во наставниот процес, како книга-прирачник за наставниците, професорите и учениците, истакна Трајковска.
Инаку, Мирјана Стојановска е поетеса, автор на девет книги поезија, една книга кратки раскази и е приредувач на пет поетски зборници. Стојановска беше прв претседател на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ при Друштвото на писатели на Македонија. Нејзината поезија е преведена на германски и српски јазик и во изминатите години беше промовирана на меѓународните саеми на книгата во Франфурт и во Белград.
Објавувањето на книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик “ е овозможено со финансиска поддршка на женскиот приватен сектор од Битола кои самоиницијативно понудиле финасии за печатење и хонорар за авторката.










