Денес со одигрувањето на ракометниот натпревар во Битола помеѓу екипите на Пелистер и Еурофарм Работник започнува последната фаза од Супер лигата, ќе се играат реванш натпреварите од плеј-офот, а до крајот на оваа ракоментна сезона остануваат уште пет кола и секако финалниот турнир во ракомет кој ќе се игра во Битола на задоволство на битолските љубители на ракометот.
Денес во спортската сала “Младост“ ќе се сретнат градските ракометни ривали Пелистер и Еурофарм Работник, а условно кажано, Пелистер ќе биде домаќин.
Ова е еден од најинтересните натпревари бидејќи покрај ривалството на двете екипи им требаат бодовите. Пелистер ќе сака после победата над Охрид да има нова победа и да започне победничка серија, а екипата на Еурофарм да ја продолжи победничката серија.
Капитенот на Пелистер, Васко Димитровски за оваа средба вели:
-Вечерашниот натпревар ќе биде исклучително тежок, а ние ќе се обидеме со цврста игра да стигнеме до победа и да се реваншираме за поразот во првото коло од плеј-офот. Имаме за противник екипата која е искусна и ќе треба да дадеме максимум за да дојдеме до победа, а мотивот го имаме, нови бодови. Ни престои натпревар, по мене, неизвесен до самиот крај.
И од таборот на Еурофарм очекуваат неизвесен натпревар, а голманот Филип Ивановски вели:
-Секоја средба со екипата на Пелистер во “Младост“ е неизвесна, па во таа насока ќе се движи и денешната. Ние секако дека сакаме реприза на последниот натпревар, но ќе биде тешко да се стигне до победа, бидејќи име противник кој исто како нас ќе биде мотивиран и ја сака победата. Имаме преднас 60 минути, а кој ќе одигра подобро и ќе ја има конценрацијата ќе биде победник.
Натпреварот започнува во 18,30 минути.






