Според бројот на битолчани кои попладнево ги имаше во централната црква во Битола, “Св. Димитрија“, кои “креваа леб“, а секако го имаше и во останатите храмови на МПЦ-ОА во Битола, изгледа дека најголем број жителите на Битола го имаат Свети Никола, за своја куќна слава.
Тешко беше да се најде место во црквата “Св. Димитрија“ домаќинките да ги наместат: свечената погача, пченицата и виното за свештеникот да ги “испее“ и со тоа да го направат обичајот “кревање на леб“, во чест на Свети Никола, заштитник на морепловците, децата, сиромашните…
-Многу е “ богат“ Свети Никола, гледате што е гужва, нема друга слава како оваа, нека е напомош на сите нас, кои го славиме Свети Никола како куќна слава, ни рече тетка Данче, која не пропушта, како рече, симболично да принесе жртва на светецот – леб и вино, секоја година откако знае за себе, па така и оваа година.
Дека Свети Никола “е богат“ посебно во Битола, покажува и тоа што на овој ден сите битолчани се ангажирани.
Првата половина се подготвува за вечерашната слава, подготвуваат посна трпеза во чест на светецот, а останата половина се подготвува да отиде на гости кај оние кои ја слават оваа куќна слава, а како знаат да речат понекогаш, битолчани, Свети Никола е празник на цела Битола.
Па, затоа битолчани, да го славиме Свети Никола, чудотворецот, и нека биде на било кој начин во, и со секое семејство во Битола.
Утре продолжува славењето на светецот, а тоа ќе го направат оние кои чекаат именден.






