Екипа на јавното претријатие “Комуналец“ денес заедно со жителите на населбата “Ушици“ го уредуваа паркот, а како велат жителите цело време биле со “комуналците“.

-Екипата на “Комуналец“ утрово дојде во паркот и започна да ја коси тревата, а ние како и секогаш бевме со нив да им помогнеме. Откако тие ја завршија работата ние жителите од оваа населба ја собравме искосената трева, го собравме и останатото ѓубре во вреќи, ги изметивме патеките, вели Боне Божиновски, кој заедно со Митко, Благој, Цанко и другите беше вклучен во “акцијата“.

-Ова е убаво место по кое е препознатлива населбата “Ушици“, а тука редовно има голем број на посетители. Повозрасните се тука на клупите и играат карти, а децата се со нас на лулашките и на останатите клупи, додава Боне, кој е тука секојдневно на по некоја партија бељот, кој вели дека соработката со “Комуналец“ е добра, но имаат некои нови идеи за доуредување на паркот.
Боне не пропушти да ги пофали и децата од населбата кои помогнаа во уредувањето на паркот.






