Press "Enter" to skip to content

Пелистер со победа над Борец го заврши есенскиот дел, само со еден пораз

Борец – Пелистер 14:39 (6:20)

Екипата на ракометниот клуб Пелистер викендов ја спушти завесата на есенскиот дел од машката супер ракометна лига. “Пелистерци“ ја победија екипата на Борец во Велес убедливо во резултат 39:14, со најголема разлика оваа есен изразена од 25 голови.

Екипата на Борец од Велес поради проблеми во клубот настапи со младинската екипа, па затоа и резултатот е толку висок. Младата екипа на Борец не успеа да даде ниту солиден отпор на Пелистер, а тоа се виде уште во првиот дел кога примија 20 гола, а успеаја да постигнат само 6 гола.

Со оваа победа екипата на Пелистер го заврши есенскиот дел на првото место на табелата, со 36 бода од 13 кола, а единствениот пораз го имаа во првото коло од екипата на Радовиш. Потоа, четата на Стевче Алушевски, и покрај организациските проблеми, пред се финансиските, “газеше“ дома и на гости и покажа дека атакот на првото место е реален.

Во оваа полусезона, ракометарите на Пелистер, одиграа 13 натпревари од кои победија на 12, а пораз имаа само еднаш и освоија, вкупно 36 бода. “Пелистерци“ постигнаа 394 гола, а примија 301, за на крајот да имаат позитива од 93 гола.

Сега им преостанува само во зимската пауза да одработат силни подготовки и што поподготвени да ја пречекаат завршницата, односно плеј-офот, кога во шесте најдобри екипи ќе влезат и екипите на Вардар и Металург, а натпреваите против нив ќе ја наполнат салата “Младост“ до последно место.

Во среда се игра дуелот Еурофарм Работник – Пролет, во Битола, што ќе биде последен натпревар и за ракометарите на Еурофарм Работник.

More from СпортMore posts in Спорт »