По пријавата на ски-патеката “Копанки“ од страна скијачкиот клуб “Пелистер“ за на неа да се одржуваат натпревари во скијање во велеслалом и слалом за FIS натпревари, до Комитетот за алпско скијање, во Битола и на Пелистер, престојуваше инспектор за патеката да ја добие потребната хомологација.
Од ски-клубот Пелистер не го кријат задоволството за тоа како помина инспекцијата, а Митко Милевски, член на Управениот одбор на клубот, вели:
-Ние испративме писмо во соработка со Скијачката Федерација на Македонија до Комитетот за алпско скијање, дека скијачкиот клуб Пелистер, има намера на ски-патеката “Копанки“ да се одржуваат натпревари во велеслалом и слалом од FIS конкуренција. Комитетот позитивно одговори на нашето барање, но согласно нивните правила испрати испектор за патеката, да провери дали оваа патека ги исполнува условите за одржување на натпревари од оваа категорија. На Пелистер на ски-патеката “Копанки“, чиј концесионер е “ЕЛЕМ Турс“ од Скопје, беше дојден инспекторот делегиран од FIS, Бугаринот, Валентин Гичев. По целосната испекција од негова страна на ски-патеката “Копанки“ и се она што треба да се поседува како помошни објекти, тој собраните податоци ги испрати во Комитетот за алпско скијање, кој има седиште во градот Обертхофен, Австрија. За време на престојот, делегатот Гичев даде и совети и насоки за развој на ски-центарот “Копанки“ по меѓународни стандарди. Според него, потребно е проширување на делови од патеката, сигурносна ограда по стандарди на FIS од A, B и C категорија, дислокација на далноводот за струја, нова жичарница. Доколку сите овие меѓународни стандарди се исполнат, на Копанки можеме да гледаме европски, па и светски ски-натпревари.
За оценката на Комитетот од Обертхофен, Милевски додава:
-За брзо време го добивме цертификатот за хомологација на ски-патеката потпишан од Елена Гаја, овластен претставник на Комитетот, во кој се вели дека на ски-патеката “Копанки“ можат да се одржуваат ски-натпревари во велеслалом и слалом, во FIS CHILDREN категорија. Со ова патеката Копанки за прв пат во својата историја влегува и на меѓународна сцена и тоа со три цертифицирани патеки: две слалом и една велеслалом. Цертификатите имаат важност од 10 години, односно до 2027 година.
Oвој цертификат за ски-патеката “Копанки“ овозможува организирање на веќе закажаните трки “KОПАНКИ КУП“ за слалом и велеслалом на 27-28 јануари 2018 година, кои ќе бидат бодувани по FIS.
С. Ристевски






