Press "Enter" to skip to content

Еурофарм Работник на седум дена до првата средба од Челинџ купот ги засилува подготовките

Ракометарите на Еурофарм Работник полека влегуваат во последните седум дена од подготовките во пресрет на осминафиналниот натпревар од Челинџ купот против екипата на норвешкиот тим Филинген Бергер.

Ракометарите на Еурофарм Работник токму поради овој натпревар кој е закажан на 10 февруари, многу рано, уште на 10 јануари, ги започнаа подготовките, а голманот на “фармацевтите“, Филип Ивановски вели:

-Рано започнавме и имавме до сега во изминатите три седмици силни подготовки. Досега работевме секој ден по два пати, а одигравме и два контролни натпревари, против екипите на Пелистер и Охрид. Сите сме во одличен тренажен процес и со нетрпение и позитивна клима го очекуваме првиот натрпревар против норвежаните.

Иако тренерот на Еурофарм Работник, Илија Темелковски, планираше на стартот на подготовките повеќе контролни натпревари, сепак се одиграа само два, а пропадна и планот за патување во Ниш, Србија, каде требаше да се игра и двомеч со екипата на Железничар.

До натпреварот од Челинџ купот остануваат уште седум дена, а Ивановски за тоа како ќе се одвиваат подготовките до идната сабота вели:

-Денес имаме контролен натпревар со екипата на Пелистер во спортската сала “Младост“, а до идната сабота ќе имаме засилено темпо на работа. Покрај тренинзите ќе имаме и анализа на натпревари на противникот, норвешката екипа Филинген Бергер, со гледање на нивни натпревари, што го правевме и во текот на подготовките до сега. Ни претстои важен натревар за нас како поединци, а секако и за екипата и се надеваме дека ќе успееме во намерите да се пласираме во четрт финалето.

Инаку, ЕХФ ги одреди судиите за осминафиналниот натпревар, в сабота, кога во  “Младост“, Еурофарм е домаќин, тоа се Марко ди Доменико и Лоренцо Форнасие од Италија, а делегат на натпреварот е Кеан Сиврикаја од Турција.

ЕХФ за реваншот на 17 февруари во Норвешка ги делегира летонските судии Вадимс Јаскинс и Едуардс Забко,а делегат на ЕХФ ќе биде Беат Нагел од Швајцарија.

More from СпортMore posts in Спорт »