Денес во 18,30 часот, Управата на Пелистер на попладневниот тренинг на ракометарите ќе им го претстави новиот тренер, Борче Марковски.
По седум дена преговори и договарања ракометниот клуб Пелистер доби нов тренер, откако минатата седмица Управата преговараше уште и со тројца екс-селектори, Шундовски, Каменица и Ѓукиќ, а Марковски ја доби довербара да го води битолскиот супер лигаш.
По официјализирањето за нов тренер на Пелистер, Марковски рече:
-Завршија преговорите со Управата на клубот и денес на попладневниот тренинг во “Младост“ ќе бидам претставен на ракометарите од страна на Управата. Што се однесува пак до моите планови, ќе работиме во Битола, а како што ме информира спортскиот директор, веќе има договорено и контролни средби. Супер лигата продолжува на 3-4 март, а Пелистер е слободен, па ќе имаме седум дена повеќе за тренинг.
Инаку, Марковски ја има мастер-лиценцата која е потребна да се води клубот, и како додаде преземањето на Пелистер за него во овој момент, кога е лидер на табелата ќе биде предизвик за него и се надева на успешна пролетна посусезона.
Како помошници на Марковски ќе останат Велјановски и Атанасовски, а од клубот велат дека ќе се доведат и неколку засилувања.






