Пред првиот натпревар од двомечот против екипата Филинген Бергер, се одржа најавената прес-конференција на која зборуваа тренерот, Илија Темелковски и тројца ракометари.
Прв на новинарите им се обрати тренерот Темелковски кој се задржа на подготвителниот период, на здравствениот билтен и секако на норвежаните. Нагласи дека нема да биде решено се на првиот натпревар, туку дека ќе одлучува вториот, а рече:
-Оваа година подготовките ги започнавме мошне рано со оглед на ситуацијата која ја налагаат Европските купови, во нашиот случај Челинџ купот па затоа и анцентот е токму на овој натпревар кој ќе се одигра в сабота. Берген е типичен скандинавски претставник, многу трчаат, не размислуваат многу за тактика, но се работи за пристојна екипа. Се обидуваме да ги воочиме нивните добри и лоши страни, а според тоа можеби повеќе треба да играме позициона игра со нив. Не треба да дозволиме да и наметнат игра како што ним им одговара. Недостаток ни е што немавме многу тренинг натпревари, па сакам да им се заблагодарам на челниците на Пелистер, кои ни излегоа во пресрет и одигравме два контролни натпревари. Го гледавме Филинген Берген на видео снимка на два натпревари и знаеме против кој играме. Ја повикувам ракометна Битола да ни помигне и да ни даде поддршка в сабота. Се надевам дека како што мене ми драго што Еурофарм избори место во пролетниот дел на Челинџ Купот, така чуствуваат и останатите љубители на ракометот во Битола. И ова што играме осминафинале само по себе е одличен резултат.
Михајло Петровски на пресот рече:
-Дојдов во квалитетен клуб кој тоа го докажува од ден во ден па така и на овој меѓународен натпревар. Имавме добри подготовки во изминатите 25 дена, а тоа треба да го докажеме на терен в сабота. Ја гледаме на видео играта на противникот и ќе треба да ги најдеме нивните слаби страни. Нè очекува типично скандинавска школа, екипа која сака многу голови. Нивна најсилна страна се средниот бек и левиот бек Лунде, кој е најдобар стрелец на екипата. Имаат само скандинавски ракометари, не се баук и верувам дека можеме да им се спротиставиме. Имаме квалитетна екипа, сакаме поддршка од трибините, а сакаме да продолжи оваа ракометна европска приказна на Еурофарм.
Што се однесува пак до здравствениот билтен Темелковски вели дека на располагање ги има сите ракометари, Горан Крстевски ги залечи повредите и ќе недостига единствено долго повредениот Чаневски.
Норвежани утре доаѓаат во Битола, а првиот и единствен тренинг ќе го имаат в сабота наутро. Екипата на Филинген Бергер за прв ќе игра против македонски ракометен клуб.
С.Р.






