Press "Enter" to skip to content

Љамче и Иве веруваат дека со нова екипа можат да ја победат Победа и да освојат три бода за опстанок

Фудбалерите на Пелистер, денес на стадионот “Кукуш“ во Турново, го игра можеби, најважниот натпревар на Првата фудбалска лига, кога е во прашање опстанокот во лигата, со директниот конкурент, екипата на Победа.

“Пелистерци“ со оптимизам гледаат на ова пелгониско дерби и се надеваат на три бода. За оваа средба фудбалерот на Пелистер, Петар Љамчевски вели:

-Со оглед на тоа што почнавме со подготовки подоцна задоволен сум од тоа како сработивме. Во текот на подготовките одигравме три контролни натпревари, каде што резултатот беше во втор план. Што се однесува пак до продолжението на сезоната ние ќе го дадеме максимумот да обезбедиме опстанок во Првата лига. Нема да се предадеме така лесно, иако сме свесни дека ќе биде тешко. Оваа екипа е целосно нова и пред нас ќе има многу предизвици, а првиот ќе биде уште денес. За денешниот натпревар би рекол дека како и сите досегашни нетпревари, кои го носат епитетот пелагониско дерби, ќе биде неизвесен и тежок. Штета е овој натпревар се игра во Турново, бидејќи ќе ги нема навивачите и на двете екипи. Ние ќе направиме се да го добиеме овој натпревар, но првенството е долго и секој натпревар е важен за нас.

И Иве Трифуновски е на слично мислење со Љамчевски и вели:

-Подготовките поминаа во најдобар ред, иако со скратено време поради доцниот старт, а сите кои сме во тимот одлично работевме во подготвителниот период. Против екипата на Победа влегуваме максимално подготвени и мотивирани, бидејќи знаеме колку исклучително е важен овој натпревар за Пелистер. Ја посакуваме победата на Победа, за одличен старт на полусезоната, но сите сме свесни колку ќе биде тешко да се дојде до тоа во 90 минути кои ни престојат на стадионот “Кукуш“ во Турново, бидејќи и на Победа им “гори под нозе“ кога е во прашање опстанокот во најквалитегното прволигашко друштво.

Пелагониското дерби започнува во 14 часот на стадионот “Кукуш“, а фудбалската правда ќе ја дели Јован Качевски од Струга. Нему ќе му помагаат Жарко Тодоровски, Симон Грдановски и Албрим Шаќири. Делегат на натпреварот ќе биде Серафим Ангелов од Кочани, а контролор ќе биде Марјан Ристевски од Кичево.

С.Р.

More from СпортMore posts in Спорт »