Центарот за едукација на ракометни тренери при Ракометната федерација на Македонија и Здружението на ракометни тренери на Македонија, во својата ракометна база, хотел “Истатов“ во Дојран ја продолжи воспоставената практика за едукација на ракометни тренери, а од 2 до 4 март одржа “Модул 1“, односно прв почетен стартен Модул за тренери.
Станува збор за осмата генерација тренери –почетници во младински категории која започна со едукација овој викенд во Дојран, каде се изведуваат практични-показни вежби и теоретска настава.
Меѓу учесниците од скоро сите ракометни центри во Македонија, се наоѓаат и битолчаните, Златко Велјановски – актуелен асистент и помошник тренер на сениорската екипра на РК Пелистер и Грузискиот репрезентативец, Ревас Чантурија, најдоброро десно крило на Пелистер.
На овој почетен модул има вкупно 10 кандидати за тренерска лиценца, од кои два се жени, а тројца се странци и доаѓаат од Босна и Херцеговина.
Како постојан предавач во целиот овој образовен циклус се јавува и м-р сци. Михајло Силјанов, инаку вработен како професор по спорт во гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Битола. Силјанов исто така е еден од тренерите во младинската школа на РК Пелистер, заедно со Александар Зарков ги тренираат децата членови на младинската екипа на клубот кои постигнуваат одлични резултати во своите категории.
-Овој викенд започна осмата генерација тренери –почетници во младински категории, а јас како предавач на овој модул, посебно се радувам дека имаме меѓу кандидатите и двајца, да не речам битолчани бидејќи Чантурија е Грузиец, туку од ракометниот клуб Пелистер. Се надевам дека овој почетен модул ќе биде основата на нивната тренерска работа во иднина, и дека со потребната надоградба и искуство на Пелистер и Битола ќе им откријат ракометари кои ќе ја продолжат ракометната традиција на нашиот град, ни рече Михајло Силјанов.
Од името на www.bitolanews.mk му посакуваме на нашите битолчани, идни тренери Велјановски и Чантурија, и секако на Силјанов, многу спортска среќа и многу понатамошни успеси во својата спортска кариера.
С.Р.





