Денес ракометната екипа на Еурофарм Работник ги продолжува натпреварите во плеј-офот на Супер лигата, а во рамките на второто коло првото гостување ќе го има на теренот на европскиот првак Вардар.
Според заеднички договор двата клуба, Еурофарм Работник и Вардар се договорија да го одиграат меѓусебниот дуел, денес во 17 часот во спотскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром, Скопје, а повод за ваквиот договор е ЕХФ неделата во која македонската репрезентација ќе се соочи со Русија во затворен натпревар во Скопје.
За овој натпревар екипата на Вардар е апсолутен фаворит, а за оваа средба голманот на Еурофарм Работник, кој имаше одлични одбрани во завршницата на првото коло против екипата на Пелистер, Филип Ивановски вели:
-Да се игра против европскиот првак е голем мотив за мене, а секако и за останатите ракометари од мојот клуб. Да се бранат ударите и да биде на “цртата“ пред големите европски ракометари кои се во екипата на Вардар, секако е уште поголем мотив. Вардар е фаворит во секој поглед, а нам ни останува само да се покажеме во што подобро издание во салата “Јане Сандански“.
Македонскиот првак Вардар, за натпреварот против Еурофарм Работник, односно неговата управа, реши да ги отвори вратите па така влезот за сите љубители на ракометот да е слободен, а сите битолчани кои денес ќе се најдат во Скопје имаат прилика да ја следат оваа средба која започува во 17 часот.
Две екипи во второто коло влегуваат со по една победа која ја имаа во првото коло, и со по три бода на табелата.
За разлика од Еурофарм Работник, екипата на Пелистер натпреварот од второто коло од плеј-офот ќе го игра на 11 април, против екипата на Пролет 62, исто така на гостување во Скопје.





