Press "Enter" to skip to content

Горјан Стојановски: Велигденскиот кошаркарски турнир станува она што го замислував пред осум години

Велигденскиот кошаркарски турнир, неговото осмо издание заврши, а по три дена по доделувањето на наградите на најдобрите организаторот ги сумираше разултатите. Еден од основачите и организаторите на турнирот, Горјан Стојановски, за првите импресии по завршувањето на турнирот вели:

-Веднаш ќе кажам дека идејата која ја имавме пред осум години, а ја имавме во кошаркарската школа Младост се спроведе во дело, ги покажа резултатите од оправданоста, амбициите кои ги имавме се покажаа како остварливи. Сега по осум години, од првиот можам да кажам дека сега турнирот ја има таа физиономија која ја замислувавме. Во дводневните натпревари учество зедоа 17 екипи од Македонија и Хрватска во категориите: момчиња родени 2003/04, девојки родени 2003/04, микс-екипи родени 2005/06 и микс-екипи родени 2006/07. Натпреварите се одиграа во 4 спортски сали низ Битола, а ги водеа судии со највисок државен ранг, а вкупно настапија повеќе од 250 кошаракари.

За тоа што се случуваше надвор од спортските сали Стојановски додава:

-Имавме голем број на деца најмала возраст од 9 години и поголеми, а тоа значи само едно, нови пријателства, нови ривалства… Најголем дел ќе се сретнат на голем број на првенствени и куп средби, а можета да замислите како ќе рагираат овие деца, по 5, 10, 15 години, кога ќе се присетат на овие денови. Кога на ова ќе ги додадеме децата од Хрватска мислам дека го направивме тоа што го посакувавме.

Во рамките на турнирот се одржа и турнир за ветерани и ветеранки со учество на шест екипи од Македонија, Хрватска и Србија, како се реализира оваа идеја:

-Ветераните од Битола играат со своите врсници од Македонија, а пред една година тие беа во Задар каде настапија на нивниот турнир. Уште таму задраните најавија дека сакаат и тие да дојдат во Битола, па ги додадовме ветераните од Лесковац, Србија, и се случи турнирот за ветерани. По два возбудливи натпреварувачки дена најдобри беа битолчани, пред екипата на Кавадарци-Велес, а третото место го освоија Задар. За најдобар играч е прогласен ветеранот од Пелистер, Томе Здравевски, кој специјално допатува од Хаген, Германија, а тоа само по себе говори за успешноста на турнирот, вели Стојановски, кој додава дека ревијален натпревар одиграа и кошаркарските ветеранки од Скопје и Битола, кои се потсетија на ривалството кое го имаа пред дваесетина и повеќе години.

На свеченото отворање на турнирот кој беше заедно организиран со Општина Битола беа доделени дипломи, пехари и медали, благодарници на кошаркарски ветерани, плакети за придонес во развојот на битолската кошарка.

-Сакавме на секој начин да ги испочитуваме сите оние кои дале продонес во развојот на кошарката во Битола, а ме радува тоа што нема реакции за тоа кој ги доби плакетите, што ни дава мотив повеќе да продолжиме во тоа и во иднина, вели Стојановски, кој додава дека младите екипите на Младост, Пелистер, Јуниор се дел од победниците на турнирот во своите категории, а Маја Милошевска и Филип Саботковски се носители на дел од поединечните награди за најдобри кошаркари во своите генереции.

По првиот ден во Градската кафеана имавте заедничка средба на ветераните и ветеранките, како помина таа?

-И сами бевте сведок на таа забава која ја имаа поранешните кошаркари на која беа и дел од легендите на овој спорт не само во Битола туку и пошироко. Беа имиња како Стерули Андоновски, Вангел Христов, Вукадиновиќ од Србија кој играл за Работнички… На таа одлична забава, на сите им направија чест градоначалничката Наташа Петровска и претседателот на Советот, Валентин Груевски со нивното целовечерно присуство. Градоначалничката ги поздрави сите гости, а имаше и неформалана средба со градоначалникот на Лесковац кој беше дел од нивната екипа на ветерани на екипата на Лесковац. Забавата траеше долго, а за атмосфетара би кажал само дека се уште ми доаѓаат смс пораки со желба таа што поскоро да се повтори, ни рече на крај Стојановски.

С.Р.

More from СпортMore posts in Спорт »