Press "Enter" to skip to content

Зоран Лазаревски – Паљо: боди-билдинг купот ќе биде најдобро организиран досега и со најповеќе билдери

В сабота на 21 април во спортската сала “Младост“ во Битола ќе се одржи боди-билдинг купот на Македонија чии организатор ќе биде фитнес студиото “Паљо“ од Битола, односно неговиот сопственик Зоран Лазевски, првиот победник – атлета во независна Македонија.

За организацијата и тоа како ќе изгледа боди-билдинг купот во Битола, Лазаревски не открува многу детали, туку вели дека сите кои ќе бидат во “Младост“ в сабота ќе бидат пријатно изненадени.-Моите очекувања, а веднаш ќе речам дека не сум човек кој се задоволува со просечност, се дека Купот ќе биде еден и единствен од ваков тип и дека досега ни бил, а мислам дека и во догледно време ќе биде поорганизиран. Детали не кажувам, но ќе биде со најголем број на натпреварувачи, кои својата форма ја брусат токму за ова натпреварување. Многумина ме прашуваат зошто се нафатив на мои години на сето ова, а одговорот е: ова го правам бидејќи сам почуствував дека треба на некој начин да направам “свечено затворање“ на мојата спорстка, посебно боди-билдинг кариера, а ова начинот на кој сакам тоа да го направам, зборува со многу емоции, Зоран Лазаревски, кој битолчани од повеќе генерации го знаат и едноставно го викаат, само Паљо.

На овој боди-билдинг куп, освен како организатор ќе биде и самиот натпреварувач и ќе се бори за титулата. За тоа како ги спојува двете работи Лазаревски вели:-Имам поставено две задачи кои тешко се постигнуваат и кога се изведуваат една по една, а да не зборуваме да се заедно. Си поставив цел ова натпреварување да биде најдобро организирано до сега во Битола и Македонија, а втората потешката да се појавам како натпреварувач. Да се организира купот, а истовремено да се тренира силно за да се дојде до потребната врвна форма со многу одрекувања, никој не се нафатил до сега. Можеби јас сум единствениот, но мојата желба и волја е голема и досега на четири дена пред тоа да се случи издржувам, а мислам дека ќе успеам во двете намери. Организацијата веќе го има комплетното сценарио, а за формата нема да кажувам туку сите ќе ме видат каков сум, по осум години натпреварувачка пауза. Последен пат бев апсолутен првак на Македонија во боди-билдинг во 2010 година, а потоа, до овој куп бев судија. Што се однесува до боди-билдингот ќе кажам дека со оваа форма ќе продолжам и на Европско, а ова го зборувам на празно,туку знаејќи какви долги и исцрпувачки подготовки поминав и во каква форма сум.

За проблемите со кои се среќава, посебно финансиските, само вели дека за жал на поединечните спортови, се финансираат само екипните.-Во Македонија  за жал се форсираат и финансираат само три спорта, фудбал, ракомет и кошарка, а ние кои се занимаваме со поединечни спортови сме жртва на таквата спортска политика. Тешко е за едно вакво натпреварување да се подготвуваш без големи спонзори, само со некој приватник кој сака да ни помогне. Големите компании немаат слух за нас, за билдерите, но овој пат морам да ги споменам и да им се заблагодарам на двата спонзори “Кромберт и Шуберт“ и Општина Битола, вели Лазаревски.

Инаку, Зоран Лазаревски со боди-билдинг започна да се занимава во 1986 година, кога, како вели, на таванот направил “теретана“, со голема желба и без никакви услови. Но, успеа, во 1992 година станува апсолутен првак на Македонија, а таа е историска победа, бидејќи е запишан како прв атлета во независна Македонија. Потоа бил шест пати државен првак на Македонија, втор во Југославија, петти на Балканот…

Кога го правевме разговорот со Паљото на неговото лице се забележување уморот кој полека го зафаќа од тренинзите и “трчањето“ за Купот, но не може да се скрие и неговата како вели “челична волја“ за успее во намерите за в сабота. Познавајќи го каков спортски фанатик и борец е, ни останува само некаде доцна сабота да му честитаме за организацијата и титулата.

Формата на неговото тело не ја видовме, бидејќи не ни дозволи да бидеме на тренингот, а ни рече и тоа е дел од саботното изненадување кое го подготвува за битолчани и гостите од цела Македонија.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from СпортMore posts in Спорт »