Press "Enter" to skip to content

Даниело Божиновски – најмлад меѓународен ракометен судија со знакот на ЕХФ во Македонија

Во норвешкиот град Драмен се одржа норвешкиот плеј-оф за младици до 18 години, а на него судеше судиската двојка Даниело Божиновски и Виктор Начевски. Нивното судење воедно беше и полагање за меѓународни судии, кое успешно го положија и сега двајцата се најмладите судии во Македонија кои на својата судиска облека ќе го носат знакот на ЕХФ.

Со ова успешно полагање оваа судиска двојка Божиновски – Начевски ќе може да ја дели судиската правда на натпревари од европските купови и натпревари помеѓу европските репрезентации.

За полагањето за ЕХФ судии кое се одржа во периодот од 19 до 23 април, Даниело Божиновски во вибер-комуникација ни рече:

-Долго време сум во ракометот, судиската правда ја делам од 2007 , односно 11 години, а од 2011 се наоѓам на листата млади судии на ЕХФ. Од страна ЕХФ до сега бев номиниран на 5 меѓународни турнири и првенства, а оваа година бев поканет заедно со мојот судиски партнер од страна на ЕХФ да полагаме за највисоката лицена на ЕХФ – Континентален европски судија. На поканата секако се израдувавме бидејќи тоа е напредок во судиската кариера на секој ракометен судија. Во Норвешка бевме шест судиска пара од Европа, а по добрите оценки за судењето од страна ЕХФ го добивме сертификатот кој ни носи статус на  ЕХФ судии, односно ракометни судии на Европската ракометна федерација.

Сега со оваа лиценца нашиот сограѓанин, Даниело Божиновски стана најмлад меѓународен судија во историјата на македонскиот ракомет.

Инаку, Даниело Божиновски е апсолвент на Правниот факултет во Скопје, а неговиот судиски партнер, Виктор Начевски е син на познатиот поранешен ракометен судија и ракометен работник, Марјан Начевски, а овој сертификат е голем чекор за нив во судиската кариера.

С.Р.

More from СпортMore posts in Спорт »