Битола ќе добие училишен затворен базен, а ќе се гради во дворот на ОУ “Даме Груев“ во Битола, ова го соопшти на денешната прес-конференција, координаторот на советничката група на СДСМ, во Советот на општина Битола, Методија Илиевски.
-Според овој ДУП нашето јавно претријатие за урбанизам ќе изработи архитектонски-урбанистички проект и врз база на овој проект ќе биде изработен основен проект за изградба на базен во ОУ “Даме Груев“, рече Илиевски и додаде:

-Овој проект треба да овозможи училишни рекреативни и спортски активности за тренинг, но и за натпревари од локален карактер во спортови на вода. Агенцијата за млади и спорт достави апликација до Општина Битола за изградба на училишен базен со што ја потврди цврстата соработка на централната и локалната власт, а добиениот проект е потврда за лобирање на локалната власт за добивање на значајни проекти за градот под Пелистер.
Инаку, затворениот базен ќе има димензии 25 на 10 метри и при употребата предност ќе имаат учениците од основните и средни училишта, но ќе можат да го користат и другите граѓани. Базенот ќе биде изграден со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт.
-Продолжуваме со вложување во развој на спортските објекти. Во оваа градежна сезона продолжуваме со интензивна градба на стадионот Под Тумбекафе и сериозна санација на спортската сала Боро Чурлевски, заврши Илиевски.






