Press "Enter" to skip to content

Бебињата и дечињата од Дом за доенчиња и мали деца ќе се згрижат во 100 згрижувачки семејства

Забрзана динамика на излегување на децата од големите институции, особено на бебињата од Дом за доенчиња и мали деца Битола е фокусот за годинава на Министерството за труд и социјална политика.

Процесот на деинституционализација e договорен на координативниот состанок на кој e презентиран планот за деинституционализација, а присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, в.д. координаторот на агенциите на ОН и преставник на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, како и преставници од Европската делегација.

-Раното учење е најважно за понатамошниот развој на децата. Затоа ќе направиме сѐ што повеќе бебиња од институциите да заминат во згрижувачки семејства каде ќе добијат топол дом, нега и љубов. Затоа нашата цел како Влада која што се грижи за секој во општеството годинава е Дом за доенчиња и мали деца целосно да се трансформира. Со заедничката кампања со УНИЦЕФ имаме создадено одлична база на над 100 згрижувачки семејста кои ќе се грижат за децата и верувам дека и други семејства ќе го отворат својот дом, рече министерката Царовска.

-Без разлика колку се посветени, грижливи и професионални, вработените во институциите не можат да го дадат она внимание што е потребно за да им се помогне на децата во најкритичните години од нивниот развој. Само опкружување слично на семејното може да му даде на детето чувство на сигурност, идентитет, припадност и љубов кои му требаат за да напредува, рече Преставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс

ЈУ Дом за доенчиња и мали деца Битола е основана во 1950 година и служи за згрижување, нега, исхрана и стимулација на деца од 0 до 3 годишна возраст, останати без родители и родителска грижа, како и привремено сместување и престој на самохрани бремени жени еден месец пред породување и три месеци после породување.

More from ВестиMore posts in Вести »