МБР информира, дека одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Битола и СВР Скопје, а постапувајќи по наредба на ОЈО Битола околу 19 часот на 15.12.2019 на ул. Шуто Оризари во Скопје лиши од слобода 29 годишен битолчанец поради основано сомнение дека е инволвиран во фингирано извршување на кривични дела грабнување и изнуда.
Имено, на 14.12.2019 неговиот татко во СВР Битола пријавил кривични дела грабнување и изнуда при што наводна жртва е неговиот син. По насоки на ОЈО Битола веднаш се преземени оперативно технички мерки и дејствија и случајот е расчистен односно утврдено е дека станува збор за фингиран настан, во кој се инволвирани уште неколку лица, со кои синот бил во претходен договор со цел да изнудат пари од родителите. Битолчанецот претходно е пријавуван за кривични дела, издржувал затворска казна, а имал и долгови кон различни лица.
Лицето е приведено додека влегувал во возило „алфа ромео“, сопственост на неговиот татко, за кое возило, тврдел дека со него е грабнат, а кај него биле и дел од парите кои биле предвидени за негов наводен откуп, а претходно технички обработени.
По документирање на случајот, СВР Битола ќе поднесе соодветен поднесок до ОЈО Битола.






