Најмладиот доктор, специјалистот по спортска медицина, битолчанецот, Христо Бојаџиев на последното собрание на Здружението во кое членуваат овие специјалисти, е избран за потпретседател.
Доктор Бојаџиев е последниот кој во нашата држава специјализиран на оваа проблематика, во која за жал има само триесетина лекари во целата држава, а има и градови во кои нема ниту еден лекар.
-Ова е голема чест за мене бидејќи, како рековте сум најмладиот лекар специјалист по спортска медицина, а се надевам дека на оваа функција ќе придонесам за развојот на оваа служба не само во Битола, туку и пошироко. Тоа ќе подразбира сите спортисти од најмалите категории, преку сениорите, па се до ветераните да имаат редовни превентивни, здравствени прегледи, се со цел да се избегнат несакани последици додека се занимаваат со спорт, посебно кај децата кои започнуваат спортска кариера, вели д-р спец. Христо Бојаџиев.
Инаку, д-р Бојаџиев е вработен во ЈЗУ “Д-р Хаим Абравабел“ во службата за превентивни здравствени на спортисти. Бил во тимот на Еурофарм Пелистер, а “занаетот“ го учеше на специјализација со трите екипи на Вардар, ракометниот машки и женски и фудбалскиот. Сега е во тимот на фудбалскиот клуб Пелистер.






