Press "Enter" to skip to content

„Вештачка интелигенција, прехранбени системи и зелени технологии за регионален развој“ – теми на дводневен CoLab на УКЛО Битола (фотогалерија)

Денеска и утре Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, член на Алијансата на европски универзитети COLOURS, е организатор на колабораториум на тема: „Вештачка интелигенција, прехранбени системи и зелени технологии за регионален развој“.На настанот учествуваат претставници од компании, Стопанската комора, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и државни институции.Со свои студенти и тимови вклучени се Технолошко-техничкиот факултет – Велес, Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола и Техничкиот факултет – Битола, како и гости од партнерските COLOURS универзитети: проф. д-р Ивана Мајиќ од Универзитетот во Осиек, Хрватска, и Бенгт Фелбе, претставник на Општина Бјув и соработник на Универзитетот Кристијанштад од Шведска.Во фокусот се вештачката интелигенција, одржливите системи за исхрана, дигитализацијата и зелените технологии, со цел да се поврзат академското знаење, искуството на компаниите и креативноста на студентите.На отворањето се обратија претставници на универзитетот и бизнис-секторот. Проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, ја истакна посветеноста на Универзитетот кон заедницата и одржливиот развој.  – „КОЛОРС се темели на начелото на quadruple helix. Основната ориентација на УКЛО е да се профилира како универзитет насочен кон заедницата.Многу е важно да истакнам дека денешниот колабораториум и мастеркласовите се на теми поврзани со одржливиот развој, бидејќи УКЛО повеќе години активно работи на афирмација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации.За значењето на безбедноста при дигитализацијата на производството и за улогата на младите во овие процеси, зборуваше проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска.-Денешната тема спојува многу значајни области – вештачката интелигенција, прехранбените системи и зелените технологии. Производството сè повеќе се дигитализира, но мора да посветиме огромно внимание на контролата на податоците, бидејќи еден мал пропуст може да доведе до сериозни проблеми. Затоа ги поттикнувам студентите што повеќе да се вклучуваат во вакви настани и да соработуваат со професорите, бидејќи утре, токму тие ќе ги водат овие процеси.Пред присутните се обрати и м-р Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора на Битола. Тој го истакна значењето на поврзаноста на УКЛО со бизнис-заедницата.-УКЛО е нашиот партнер, нашиот мост кој ја поврзува науката и бизнисот и го поддржува економскиот раст во овој регион. Му благодариме на УКЛО што целиот  научен потенцијал продира до нас, бизнисот, за ние  полесно да стигнеме до одржлив и поконкурентен пристап до сите светски и европски пазари.Денеска, преку два мастеркласа и тркалезната маса „Четирикратен хеликс – Регионални потреби и предизвици“, претставниците на академијата, јавниот сектор, бизнисот и невладините организации ги идентификуваат приоритетните регионални предизвици.Утре, пак, ќе се формираат интердисциплинарни студентски тимови кои ќе работат на конкретни решенија. Раководителката на работниот пакет 9, во чија организација е настанот, професорката Елизабета Тошева, најави и конкретна финансиска поддршка за најдобрите студентски идеи.-Појдовна точка на овој настан се регионалните потреби, кои академската заедница ги дискутира заедно со компаниите и јавниот сектор. Многу ми е драго што студентите од прва рака ги гледаат очекувањата на компаниите, а тие го препознаваат нивниот потенцијал. По завршувањето на колабораториумот, универзитетот планира да објави повик за почетно финансирање (seed funding), каде што сите креирани идеи ќе добијат поддршка за натамошен развој.На утрешниот, втор ден од CoLab -от, ќе се презентираат клучните наоди, ќе се формираат интердисциплинарни студентски тимови, а работилниците ќе го поддржат развојот и усовршувањето на почетните идеи.  Настанот ќе заврши со претставување на студентските решенија, повратни информации од експертите и дефинирање на можностите за нивна натамошна примена во пракса.

More from ВестиMore posts in Вести »