Македонско научно друштво-Битола објави јавен повик за учество со авторски труд на Научно-стручен собир „Академски такт за фолклорот и етнологијата“ кој ќе се одржи на 29 мај 2020 година. Повод за организирање на научниот собир се јубилеите 60 години МНД-Битола и 50 години од првото издание на Републичкиот фестивал „Илинденски денови“.
Авторските трудови ќе бидат објавени во Зборник, а може да се пишува на следните теми:
- Истражување, зачувување, едукација, презентација и сценска валоризација на автохтоните, изворните содржини и изрази од богатото народно духовно и материјално културно наследство,
- Состојбите, проблемите и перспективите во областа на фолклорниот аматеризам,
- Пет децении Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ – Битола,
- Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ како генератор на живото егзистирање на народната култура,
- Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ – репрезентативна сцена за стручно и научно проучување на народната култура.
- Фолклорот во 21-от век,
- Сценската презентација – можност за зачувување и промоција на народната култура,
- Академска едукација на нови ресурси од областа на етнографијата-состојби и перспективи,
- Поттикнување, помагање и стимулација на активности за зачувување и пренесување на народните културни вредности на идните генерации
- Младите и негувањето на македонскиот фолклор и традиција.
Последен рок за аплицирање на јавниот повик е 20 март 2020 година. Трудовите ќе бидат анонимно рецензирани и само позитивно рецензираните ќе бидат објавени во Зборник на тема „Академски такт за фолклорот и етнологијата“.
Стручно-научниот собир е поддржан од Министерство за култура во рамки на програмата за проекти од национален интерес во културата од областа на фолклорот за 2020 година.






