Денес на прес-конференција во просториите на синдикалната организација на АД ЕСМ во кругот на РЕК “Битола“, која брои 4.800 членови, најостро беа демантирани изнесените лаги и манипулации на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, од страна на претседателот на МЕСО – Драге Јованоски.
На пресот покрај Јованоски беа и Јове Смилевски – претседател на синдикална организација на ЕЛЕМ, Менде Фидановски – претседател на синдикална подружница на РЕК Битола, Горан Михајловски – претседател на подружница ФОД ДООЕЛ Битола, како и членови на Управниот одбор.
-Иако се работи за фантомска творба, формирана спротивно на сите позитивни законски норми и практики на синдикалното здружување во земјава и странство, во име на вистината и интересот на нашите членови, ја известуваме јавноста дека Синдикалната организација на АД ЕСМ при МЕСО е единствениот легитимен синдикален претставник на работниците во АД ЕСМ. Потврда за тоа се сите неопходни документи издадаени од соодветните институции во процесот на синдикалното организирање, рече претседателот на МЕСО – Драге Јованоски, кој додаде:
-За волја на вистината, формирањето на Синдикатот на АД ЕСМ при МЕСО не беше ниту лесно, ниту брзо. Синдикалните подружници на тогашно АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ, во ССЕРИ имаа валидност до месец октомври 2017 година, а Синдикалната организација на тогашно АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ во ССЕРИ, имаа валидност до месец ноември 2017 година. Во ниту една подружница во тогашно АД ЕЛЕМ, а сега АД ЕСМ, не беа спроведени избори за избор на органи од страна на ССЕРИ во предвидениот рок. Потврда за тоа е Решение од Инспекторатот за труд при Министерството за труд и социјална политика од месец ноември 2017 година. Синдикалната подружница на РЕК Битола во рамките на Синдикалната организација на тогашно АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ при ССЕРИ, пак, имаше валидност до месец декември 2017 година за што доказ е Тековна состојба од Централниот регистар на РСМ и Министерството за труд и социјална политика. Тогашниот Претседател на ССЕРИ кој ги извршуваше и функциите Претседател на Синдикалната организација на АД ЕСМ и Претседател на Синдикалната подружница на РЕК Битола, од позиција на претседател на гранков синдикат (ССЕРИ) не ги распиша избори за избор на членови на синдикалните организации во предвидениот рок. Откако доверба му откажаа осум од 15-те членови на Извршниот одбор на Синдикалната подружница РЕК Битола, ги разреши сите органи на Синдикалните подружници при Синдикалната организација на АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ, со што избори не можеа воопшто ниту да се организираат.
За формирањето на оваа синдикална органиција Јовановски појасни:
-Имајќи го во предвид интересот на работниците, со околу 2.200 доброволно потпишани пристапници во РЕК Битола, во декември 2017 година беше формирана Синдикалната организација на АД ЕСМ при МЕСО. До март 2018 година, бројот на членови на Синдикалната организација на АД ЕСМ во сите подружници на компанијата се искачи на 4500 работници, по што беше добиен и документ за репрезентативност со важност од три години. Потоа, беше потпишан и новиот Колективен договор во кој за потсетување, актуелното раководство на Синдикалната организација на АД ЕСМ се избори т.н. К-15 да биде исплаќано во целиот износ на просечната плата во државата. Лицемерно е да се зборува за реаскрчмување на имот и злоупотреба на парите на работниците од страна на т.н. Синдикат кој остави зад себе финансиска загуба од близу 20 милиони денари. Потрошени беа без основ парите за огревно дрво што се задржуваа на платите на работниците во висина од 6 милиони денари, а деловните партнери преку кои нашите вработени користеа стоки и услуги на рати, побаруваа огромни суми пари, иако синдикатот ги наплатил од личните доходи. Пред грејната сезона во 2017 година, со крајни напори огревното дрво сепак беше доставено до работниците, за што МЕСО парите ги побарува од ССЕРИ. Доказ е добиена пресуда во Основниот суд Битола.
За грижата за работниците членови на Синдикатот на АД ЕСМ при МЕСО, Јовановски рече:
-Синдикалната организација на АД ЕСМ при МЕСО во моментов брои околу 4.800 членови. Тоа се задоволни работници кои во синдикатот имаат сигурен партнер во заштитата на своите права. За разлика од некогаш, сега Синдикатот на АД ЕСМ при МЕСО, се грижи за работниците и нивните права секојдневно и постојано ги унапредува. На пример, никој од членовите не мора да тужи пред надлежните судови за да го добие т.н. К-15. Членовите на синдикалната организација ги уживаат придобивките кои ги заслужуваат, како што се : бескаматни позајмици, помош во неповратни средства, превентивни одмори, награда за работа во трета смена за Нова година, парични награди по повод Денот на рударите, по повод 8 март, бањско лекување и можеби најважното – бесплатен ладен оброк за сите вработени. Напоменуваме дека и зголемувањето на платата од декември 2019 година е плод на дијалогот помеѓу Синдикалната организација на АД ЕСМ и менаџментот на компанијата.
На крај од прес-конференцијата сите заедно ги повикуваа сите надлежни институции да го испитаат нашето и работењето на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, а судовите да пресудуваат исклучиво врз основа на законите во земјава.






