За време на официјалната дводневна посета на Софискиот универзитет, ректорите проф. д-р Анастас Герџиков и проф. д-р Сашо Коруновски потпишаа Меморандум за соработка со што ја обновија билатералната соработка помеѓу двете високообразовни институции.
Чинот на потпишување се одржа во Ректоратот на Универзитетот во Софија каде присуствуваа и проректорите, проф. д-р Марјан Ѓуровски и проф. д-р Николај Витанов.
Двете универзитетски делегации разговараа за можностите за продлабочување на соработката во делот на размената на наставници и студенти, заедничката работа на научни проекти, заеднички публикации, како и други форми на соработка.
Меморандумот за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ ќе воспостави ефективни и бројни академски и културни врски. Двете страни се заложија за обезбедување поддршка за размена на академски кадри и студенти, знаење и искуства, за обука на академски кадри, проектна и друга соработка.
Сите форми на соработка ќе се одвиваат во рамки на европските програми со особен акцент на програмата Еразмус+ како и на билатерална основа.
Универзитетите ќе соработуваат и при организирање на научни средби и конференции, размена на публикации и материјали за едукација, обука и истражување.
Е.А.






