Со информативни плакати за одржување на хигиената и хигиенските практики поврзани со храната и домашните миленици, УКЛО и Општина Битола презедоа дополнителни активности за превенција од Ковид 19. Имено, во борбата за заштита од Корона вирусот, УКЛО и Општината на заедничка иницијатива од ректорот проф. д-р Сашо Коруновски и градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска пристапија кон изработка и дистрибуција на два информативни постери.
Во првиот, којшто се однесува на превенција за заштита и постапување со храна се укажува на нужните чекори кои треба да се преземаат за заштита на сопственото здравје и здравјето на другите во време на епидемијата. Известувањата за начините на ширење на новиот вирус и низата препорачани мерки за превенција се изготвени од Факултетот за биотехнички науки.
Вториот плакат содржи адаптирани информации од релевантните светски организации поврзани со домашните миленици во насока на разбивање на фамата дека може да го пренесат вирусот. Ветеринарниот факултет се потруди известувањата да ги прилагоди не само кон сопствениците на домашни миленици, туку и до целокупната јавност, во услови на актуелната пандемија.
Инаку, до конечното оформување на иницијативата, целокупната активност е координирана од кризниот тим во УКЛО.
Покрај на веб и Фејсбук страницата на Универзитетот: uklo.edu.mk, информативните постери локалната самоуправа ќе ги печати и дистрибуира низ целата Општина. Со изработката на плакатите за зашитита од пандемијата, УКЛО и Општина Битола ја потврдија својата взаемна соработка и во борбата за заштитата на јавното здравје, борба што е насочена кон тоа да бидеме што е можно поздрави не само ние самите туку и нашите блиски, нашите колеги, соседи, пријатели…..
Максималната посветеност на хигиената и емпатијата кон другите очигледно е дека стануваат мисија на установи како што се УКЛО и Општина Битола кои и претходно учествуваа во проекти од заеднички и јавен интерес.






