Осум часа вело-авантура, поминати 65 километри на велосипед од кои десетина каде патека е обрасната во трња и дрвја, поминато околу или низ десетина села од битолскиот крај, од кои две потопени во езерото, поминати еден час во заливот на Стрежевското езеро кај Метимир во рајски поглед, посетен еден манастир и црква, поминати триесетина километри по асфалт, е на кратко раскажана турата која и не знаевме дека ќе ја поминеме викендов, до Стрежевско Езеро, а ја поминавме по препорака на Александар Вангелов, вработен во “Стрежево“, кој телефонски не “наведуваше“ каде да одиме. Но, да одиме и да раскажеме по ред.
Има многу патеки, можеби стотина околу Битола, но една од потешките, ако не и најтешка за да се стигне до вештачкото Стрежевско Езеро и да се гледаат неговите убавини кај село Метимир и од над браната, е патеката од Битола, преку Превалец, низ Рамна и Лера, па се под село Гопеш, а оттаму спуштање до езерото по шумски пат, половина низ обраснати патеки од дрвја, капини, трња… Кога ќе се стигне до брегот на езерото кај село Метимир, го имате најубавиот поглед од заливот кон мирната вода.
Ова е можеби најубавиот залив кај нас кога се работи за езерска вода, иако е вештачко езеро. Мирно и тивко место, нема кој да ве вознемири, а мала “бука“ прават само мало стадо кои се напасуваат и напојуваат во потокот со чиста вода кој се влива во езерото. А во убавината покрај нас во тишина и без да им се слушне глас, уживаа и двајца рибари кои во убавината чекаа да “загризи“ рибата.
Но, да се стигне до тука не е ни лесно ни најбезбедно, а за оваа патека искусниот планинар, Драган Ристевски, вели:
-Сум бил на ова вештачко езеро, кое сега не го доживувам како вешташко, бидејќи е вклопено во големиот простор како природно, од разни патеки и од разни правци, пешки и со теренско возило, но овој пат со велосипед од страната на Гопеш за прв пат. Местото на кое сакавме да дојдеме сум го гледал од високо од селото Гопеш, а е залив кој ме потсетува на заливот кај Бока Которска. Откако ќе се помине регионалниот пат од Битола до Превалец, по стариот пат покрај Братиндол, со една пауза кај “Лук Оил“ за утринско еспресо и план како со кое темпо да се движите, се спуштате кон селата Рамна и Лера.
-А, на Превалец мора да застанете, како вели Драган да се насладувате на убавиот поглед, кон убавецот Пелистер, а ведрото време и ни го овозможи тоа. Потоа со брзо возење низ селата Рамна и Лерасе стигнува до брегот на Стрежевско езеро, “кај Лера“, каде се рибарите. Но, од таму, по препорака на Александар од “Стрежево“ се вративме назад и продолживме по асфалтниот пат за село Гопеш. Височината до околу 900 метри насморска висина по асфалт ја поминавме со пешачење и во уживање во погледот кон Пелистер и сенките на големите евли покрај патот. Кога ќе стигнете под село Гопеш, кај патоказот за црквата “Св. Никола“, започнувате да се спуштате по шумскиот пат, се до брегот на езерото кај иселеното село Метимир.
Како рековме патеката не е воошто лесна во најголем дел бидејќи е обрасната со трња, капинки, не мали дрвја низ кои тешко се вози велосипед, а во мал дел мора и да се пешачи и да се “турка точакот“.
-Ова е патека која ја поминавме, и оној кој ќе ја врви во иднина, ќе ја помине со гребаници по потколениците и рацете, ќе биде извалкан, велосипедот во кал. Но, кога ќе слезе на брегот и ќе го види езерото и хоризонтот околу него од заливот, ќе рече дека тој еден час слегување е било бадијала и дека вредело да “потече“ малку крв, вели Александар Делов, кој исто така за прв пат е на ова место.
Местото е како “слика“ од некој светски туристички водич, а патеката која се поминува со велосипед слободно може да биде водечка во списанијата за планински велосипедизам или за триатлон. Црквата “Св. Никола“ и старите селските гробишта, само ја дополнуваат мистиката за овие антички населби, од кои артефакти се наоѓаат во дворот на “Стрежево“ кај браната.
-Оваа вело-патека може да биде домаќин на било кој светски натпревар во триатлон или друга спортска дисциплина. Имате друмски велосипедизам, потоа планински велосипедизам, тука е езерото за дел од натпреварот во пливање, до некоја точка на брегот, па повторно над езеро планински велосипедизам, а до Битола друмски. Се на се, безмалку 65 километри кои ние ги поминавме за помалку од 8 часа секако со поголеми одмори, а силни спортисти ќе ја поминат за далеку побрзо врме. Но, оваа патека како и други кај нас, остануваат непознати, иако имаат голем потенцијал, ни вели Драган, додека седиме и уживаме во природните убави, а потоа тој не ја прошушти приликата да се искапе и да ужива во водата.
Потоа по еден час одмор се упативме кон селата од пелагонискиот дел, Црнеец, кое е прво после браната, но патот од таму води повторно високо над езерото, што е дополнителен напор, посебно кога сонцето е високо и силно.
Кога се движите со велосипед или пешачите прво што гледата е големината на вештачкото езето, и си го претпоставувате колку голем бил трудот кој бил вложен заедно со многу механизација, пред 4 децении, за да се соберат сите води од Баба Планина, и преку каналот да се спроведат до овој дел, каде е изградена големата брана. Акумулацијата има можност да прибере и да чува повеќе од 100 милиони кубни метри вода.
-Кога ќе речеме Стрежевско езеро, ние битолчани имаме проекција во нашите глави, дека тоа е нешто помало, а од една страна се вози велосипед повеќе од еден час. Вистинска убавина, но за да се доживее мора да се помине од над езеро, да се влезе во атарот на Демир Хисар. Од Метимир до Црнеец прво се искачувате, па слегувате до брегот каде се рибарите во овој дел и повторно се искачувате, вели Александар, восхитен од природата, каде на едно место се наоѓа природната убавина, дополнета со вешташкото езеро.
Кога ќе слезете на асфалтиот пат кај село Црнеец, кај манастирот “Св. Петар и Павле“, ќе поминете покрај селата Габалавци, Секирани, Драгожани, во селската коперација во Кукуречани, покрај патот, со ладно пиво од шише, кога адреналонот ќе спласне, ќе сфатите колку сте поминале, 57 километри, колку сте уживале во овој дел од Македонија, а преостанатите километри до Битола, ќе ви поминат лесно, иако се најтешки, во средување на впечатоците кои ги има многу од изминатиот ден.
И за крај, должни сме да укажеме на битолчани кои ќе се одлучат на оваа вело-тура, за да не им се случи она како на нас, да бараат “пумпа за точак“ по планини, со себе да носат покрај, по две резервни внатрешни гуми и пумпа, бидејќи само гумите ништо не значат, а на Александар Венгелов благодарност што беше со нас, иако по телефон, во текот на сите часови, се “секираше“ за нас како поминуваме, за на крај да ни честита за упорноста и силата да ја поминеме оваа тешка патека, 65 километри по асфалт, шумски пат, покрај езеро, по пат без пат…











