Press "Enter" to skip to content

Танас Стојановски, сопственик на последното кафуле во Старата чаршија во Битола “Џет сет“: сега сум како што беше последниот самарџија

Ако пред дваесет, триесет години се зборуваше, пишуваше, се снимаа емисии за последните занаетчии во Старата чаршија во Битола, за последниот арабаџија, последниот бојаџија, последниот звончар… сега во август 2020 година разговараме и пишуваме за последниот сопственик на “кафич“, битолчанецот, Танас Стојановски, од кафулето “Џет сет“.Тешко за размислување, тешко за пишување, но тешко му е и на Стојановски да зборува за Чаршијата во Битола, за тоа како било, не така многу одамна, пред 20-30 години, кога во овој простор во Битола имало повеќе од 60 угостителски дуќани.-По затворањето на мојот локал “Атлантида“ во 1996 година, кој се наоѓаше на излезот од Битола, кон Ресен, “слегов“ в Чаршија и се уште сум тука, започнува со приказната, Танас Стојановски, и продолжува:-Започнав токму тука, а по некое време во 1997 година станав сопственик на кафулето, до ден денес, а се надевам и после пензионирањето. Тоа беше време, кога го презедов кафулето, златно време за Чаршијата во Битола, во поново време, да не зборуваме за средината на минатиот век. Скоро секој ден, јас и моите пријатели и гости, се присетуваме за тоа колку угостителски објекти работеа тука. Според нашата евиденција беа повеќе од 60, најмногу кафулина, потоа сендвичари, мали кафеани, млечни ресторани, семкарници… Да не набројувам, ќе ни треба многу простор, за “кафичите“, ќе започнам од кај Ат-пазар, прво “Лемон“, па “ГТ“, “Џуниор“, тука јас, Боге, нагоре “Амиго“…, кон “Јавор“, “Кони“, “Викторија“… Но, сега за жал од триесетина кафулина сум останат сам, последен, како последниот самарџија, знаат да се пошегуваат пријателите, а вистината е таа. “Џет Сет“ е последниот “кафич“ во Чаршијата, со тага ги кажува овие зборови Танас.

Но, кога зборува Танас за Чаршијата во Битола, не зборува само за угостителите, тој зборува и за комплетното движење низ Чаршијата.-Како беше тогаш, а како сега, да не зборувам многу, оти не ми се “збора“, ќе ви кажам само еден пример и “нејќам“ да зборувам. Кога беше убаво времето пред дуќанот, бидејќи имаше многу народ, многу движење, и сабајле и на пладне и на вечер, ми беше срам да извадам маси пред дуќанот, се сопнуваа луѓето, не можеа да поминат. Сега имам извадено неколку маси, ај шо нема многу гости, туку нема и луѓе да врват низ Чаршија, а не да прават некој промет, нема кој да се сопни на масите, “шо“ се вели.Иако Танас не сака да зборува, неговите комшии и пријатели, со кои ја дели маката со кризата, велат дека тој е вистински еснаф-дуќанџија. Прв отвора, го средува дуќанот, средува пред него, а точно во 8 часот првото кафе е подготвено да се послужи, а така сите овие 24 години.-Дуќанот го отворив на денот кога во 1997 година се отвораше Детската ликовна колонија, на 24 мај, а иако не паметам многу датуми, овој датум го паметам по огнометот, кога оние кои беа дојдени на отворањето мислеа дека големиот огномет јас го организирав, вели Танас низ смеа, кој иако рече дека нема да зборува за Чаршијата во Битола, се враќа на таа тема.

-Сега имам гости во “кафичо“ кои го знаат вистинското значење на Чаршијата, дека била центар на се, а така треба да биде сега и во иднина. Но, не е така. Сега имам гости, кои се како велат околу мене, најградските во градот, нека не ми се лутат другите од кафулината низ Битола. Моите гости се тука секој ден, а како и јас не верувам дека врват по Широк Сокак. Ќе кажам за мене, а тоа ми го потврдуваат и тие. Јас поминувам по Широк Сокак само за Божик и Велигден, со сопругата, а годинава не поминав поради короната за Велигден (се смее), а кога ја спомена короната се заозбили и додаде:-Еве гледајте, некој ден пред да се затрорат “кафичите“ поради короната, имав мала свеченост тука, поради реновирањето. Вложив многу труд, време, пари, но не се израдував на новиот лик на дуќанот. Сега малку по малку се враќаме во живот, но не само за мене, туку и за целата Чаршија е многу тешко, но јас не се предавам, а се надевам дека и другите така мислат, иако слушам најави за затворање на некои дуќани.

Но, на едно прашање како да заживее овој централен дел на Битола, Танас нема конретен одговор.-Колку да имаме седено тука, пиено, пеено, правено веселби, кавги, дебати, толку пати имаме разговарано на таа тема. Да биде вака, да се направи тоа, да се работи така, но ние сами, дуќанџиите не можеме да ја раздвижиме Чаршијата. Ние тука, ја имаме Чаршијата, голем трговски центар со стотици дуќани, со се и сешто, некој попаметен, треба да направи план за тоа како да функционира, да се “вадат“ пари. Но, мора и нас да не вклучи во таа програма, да му кажеме некои чаршиски тајни. Ќе се изгради некој “мол“, како се вика тоа, со десетина дуќани и почнува да работи, а тука имаме можеби десет “молови“ и пак не работи.

Танас додава дека му е криво што Чаршијата работи, како вели “некој сат“. Дуќаните сега отвораат после 10, работат во лето до кај 5-6, во зима до три, а тоа е малку време за дуќан, а тешко е со малку време колку што се отворени дуќаните да се работи рентабилно.Танас и неговите пријатели, како ги нарекува гостите, ги оставивме во расположение како и доликува на Чаршијата, со смеа, мајтапи. Тој по разговорот со пријателот ја почна својата партија табла, а кафето му го послужи неговиот син Бојан, кој помага во кафулето.-Нема некој гужва, па ни останува време и да поиграме некоја партија табла, но за жал нема ни многу млади битолчани кои сега знаат и ја играат оваа игра. Како и сите други градски работи и играњето табла го има се помалку во Битола, ни дофрли Танас на “бегање“, и додаде: некој ден, не знам кога, ова пак ќе “врие“ од луѓе, ова е центарот на Битола.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »