Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 години: панихида за Александар Турунџев во Светонеделските гробишта (фото)

-16 годишен војвода, на 17-тата го фатија, се стихови и народна песна, која верувам секој во Битола, знае за кого се посветени, за големиот војвода Александар Турунџев, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.

-На денешен ден, на 30 август, во 1905 година на Ат-пазар во Битола е обесен Александар Турунџев, откако претходно на 29 август му е изречена пресудата, смрт со бесење. Иако настанот се случил пред 115 години, заслужува да се спомене, а повод е и панихидата која во негова чест ја организираа неговите потомци, правници, од Битола, во Светонеделските гробишта, во дворот на црквата каде се погребани “Илинденците“, вели Миновски и додава:

-Не само во песната, туку овој војвода е во колективната меморија на битолчани, а за него не сакам многу јас да зборувам, туку ќе пренесам неколку реченици за неговото херојство и за споменот за Турунџев, а овој текст објавуваме во негова чест и слава.Турунџев е  роден е во 1872 година во село Горно Врбени, Леринско. Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа како војвода. За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.

Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држан цела година.

Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар во Битола, на 30 август 1905.  Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат кулата, крај Безистенот, реката Драгор па сè до Ат-пазар.

Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде погубен. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани. Збунетиот поп пред егезкуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“ Тогаш Александар се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“ По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.