Жанета Ристевска
-Од својата 10 година кога за прв пат учествував во претставата “Убавицата и ѕверот“ во балетот тоа беше љубов на прв поглед кон театарот во Битола, љубов која треаше во цела моја кариера, и се уште трае.

Така ја започна својата приказна Ана Анче Бегајовска, од Битола, за која може да се каже дака одбележа еден период и остави силен печат со нејзиното работење во Народниот театар во Битола на повеќе работни места. Таа е прва дама во моите разговори за “Некогаш и денес“. Рубрика која пробудува голем интерес, за животната приказна низ сеќавања на личности од различни области и професии кои биле активни и твореле во последните декади на минатиот и почетокот на овој век. Низ нејзините сеќавања, фотографии добив еден сликовит приказ на театарот од пред 60 години и љубовта кон истиот која не можеше да ја прикрие, додека зборуваваме и ми ги покажуваше фотографиите од нејзината архива.

Се воодушевив од нејзините фотографии, посебно црно-белите, кои се сведок на сите нејзини искуства низ претстави, турнеи, гостувања на театарски фестивали и награди, патувања, пријателства… Фотографии кои се историја и низ кои се отсликани моменти на убави денови на Битолскиот народен театар.
Низ насмевка Анче кажува:
-Знам како диши театарот, бидејќи работев од чистач по потреба на сцената, суфлер, глумица, играв сенка на лик со балетски перформанс, работев во маркетинг организација и благајник, пи-ар, организатор на гостувања на театарот меѓу кои во Австралија, СССР, Полска, Бугарија и низ сите југословенски републики на театарските фестивали. Тоа беа “Стеријно позорје“, “МЕС“, “Саем на театри“ во Словенија, “Нушичеви дани“… И од оваа перспектива, мака ми е само што не бев поставена за директор на Битолски народен театар. Но, заради политика, наместо во театарот бев поставена на директорското место во Домот на културата. Сметам дека со моето дологогодишно искуство многу повеќе ќе придонесев за театарот.

Отворена, храбра, се уште го има ентузијазмот, младешка енергија и харизма така да воопшто не потсетува дека е веќе повеќе години во пензија. Можеби за нејзината енергија и младешки изглед придонесуваат богатството на безброј претстави низ кои ги научила сите реплики за потребите на местото суфлер, кое било прво нејзино работно место. Нејзино прво искуство со театрот го има уште од детсвото. Но, да ја започнеме нејзината инспиративна животна приказна од почеток…

Спомени од детството
-Потекнувам од работничко семејство, три деца, живеевме во центарот на градот кај Ленски мост Буковски ан. Основно училиште завршив во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ Битола. Во училиштето бев многу добар ученик, отворена, дружељубива, комуникативна и со висока самодоверба и самопочит и се дружав со сите дебвојчиња од улицата “Рузвелтова“. Ќе набројам неколку Јуле, Фиме, Лиле, Морфа, Ленче, Рахела Хели Шели внуката на Д-р Абраванел… Дружењето беше многу убаво. Хели Шели помала од нас живееше со дедо Абраванел и баба Берта, една прекрасна еврејска фамилија и со другарките ќе ја баравме, баба Берта и обично ни даваше по три лалиња за нашите мајки од нејзиниот двор. Тоа се преубави спомени за едно време, кое беше многу поинакво од денешното. Во тој период играв балет и бев член на балетската секција во училиштето која ја водеше професор Цаци кој подоцна ми беше и класен раководител. Танцував и многу го сакав балетот преку кој на некој начин влегов во театарот за потребите на една претстава. Комплетно сите како група не зедоа во една претстава.

Љубов на прв поглед во театерот на 10 годишна возраст
-Тоа беше претставата “Убавицата и ѕверот“ во која не повикаа да учествуваме со балет. Тоа беше моето прво искуство, влегување во театарот на околу 1о годишна возраст 5-6 одделение. Тоа искуство кое ми остави голем впечтоки, и секако љубов од мали нозе кон се што се случува во истиот. Од тогаш на повеќе начини јас постојано бев во театарот. Кога се преселуваме на улицата Борис Кидриќ повторно преку моите соседи Олга Наумовска првакиња-глумица и Душко Наумовски тогашен директор на НТ Битола постојано сум во театарот на различен начин. Нивната ќерка, Лилјана моја најдобра другарка, и јас на некој начин преку се поврзуваме со театарот од гимназиските и понатаму. Моја љубов беше да студирам медицинска козметологија и се запишувам на Сорбона, Париз, но судбината сакаше да не заминам и останам тука. Имено жената кај која требаше да живеам во последен момент ми ја откажа собата и моите не ме пуштија во Париз сама да се снаоѓам. Така останувам во Битола и се запишувам во Скопје на Филозовски факултет, група филозофија. Завршив Филозовски факултет, но никогаш не работев како професор по филозофија и марксизам иако бев примена во Долната гимназија.

Волонтер на работно место суфлер во театарот…
-Во текот на студирањето најпрво волонтерски застанувам на местото суфлер, заради болест на чичко Миле, кој беше суфлер. Со тоа званично влегувам во Народниот театар Битола во 1970 година и три години како волонтер го учам суфлерскиот занает, до 1973 година кога званично со конкурс ме примаат на местото суфлер, и се префрлувам вонредно на факултет. Суфлерското место е посебно работно место во театарот и е мошне значајно, но и најтешко, бара врвна концентрација, помнење, мора да се знаат сите реплики на претставата и ако глумецот заборави до каде е, му се додава збор кој мора да е изговорен со совршена дикција, за да се чуе правилно од местото каде стои суфлерот. Јас низ практиката со голема одговорност пристапив кон мојата задача, така да ги учев, знаев не само репликите на глумците (улогите) туку и целиот мизансцен, кој глумец каде стои на сцената. Кога ова работно место остана празно, на конкурсот каде беа пријавени повеќе кандидати, требаше да поминат на аудиција пред комисија која одлучуваше кој е најдобар за ова место. Одлучи гласот на чичко Бабец, како што го нарекував, но ми постави услов да играм во неговите претстави балет, бидејќи тој ме познаваше по првата претстава “Убавицата и ѕверот“. Тоа и го одржав во неговата позната детска претстава „Педаче“ каде учествував во балет, покрај моето суфлерско место. Со таа претстава учествувавме на фестивалот за детски театри во Шибеник. Понатаму имав многу балетско- уметнички перформанси и во многу претстави каде играв сенка на лик. Значи во претставта постои лик и негова сенка која ја играм јас. Сум се вклучувала во улога по потреба заради болест на глумицата, тоа беа ќерката на министерката. Тука ќе ги кажам околу 40 претстави одиграни во „Госпоѓа Министерка“ во други градови каде гостуваше театарот, а во тој период тоа беше често. Покрај суфлерското место сум била и на многу други работни места во Театарот за да се пополнува по потреба. Бев и чистач по потреба кога требаше на сцената да се расфати, исчисти, додека викам некој од техничката служба, јас тоа ќе го направев.

На стариот Народен Театар многумина се сеќаваат со носталгија. Посебен шарм, елеганција на театарски амбиент со партер, ложи, плиш, многу костими, глумци кои играат во улогите на Чорбачи Теодос, Ленче, Госпоѓа Министерка, Хамлет, Мара… Класика, битова драма, фестивалски,трагедии, комедии, детски претстави… Една од култните претстави на НУ Народен театар Битола во тој период 70 години од минатиот век “Свадбата на Мара“ контраверзна претстава најпрво забранета потоа наградувана на сите престижни театарски фестивали, потоа “Сомнително лице“, “Преноќиште“ “Црна дупка“, “Натемаго од филозофскиот факултет“… Кажете ни повеќе…
-Тоа беше “златно време“ на Народен театар Битола со репертоар од детски претстави, битова драма, комедија,трагедија,фестивалски, политички… Карти се купуваа на благајна, секој ден од седмицата (освен понеделник) имаше различен репертоар. Имаше културна театарска публика, која почитуваше. Многу претстави меѓу кои и култни. Со претставаат “Свадбата на Мара“ освоивме многу награди на скоро сите театарски фестивали. Тоа се “Мали експериментални сцени“ МЕС, “Стеријно позорје“… Таа беше извонредно беше оценета од жири-театролози како Ели Финци, Ферид Пашиќ, Мира Ступица. Потоа со истата претстава учествувавме на “Саемот на театролози“ во Словенија, каде беше оценета како најдобра. Со оваа претстава нашиот театар излезе на површина и надвор од државата. Го опишаа како “мал театар но голема претстава“. Таа ми беше последна претстава како суфлер и потоа отидов на тоа место благајник каде останувам се до дипломирањето на факултет.

На местото во марткетинг организација на Народниот театар Битола после завршувањето на Филозофски факултет
-По завршувањето на факултет после 7 години пауза, во 1984 година се преместувам на друго работно место, бидејќи дотогаш бев со средно образование. Тоа е моето поставување на работно место во маркетинг организација на Народен театар Битола. На ова работно место кое се состои од многу широк дијапазон на повеќе работни места работев како благајник, пи-ар, односи со јавност, организација на претстава, организација на гостувања на театарот, репертоар, контакти со глумци, режисери од страна, продажба на претстави…. Комплексна работа, и споредба како шах да играш, мораш да повлекуваш правилни потези, за да биде совршено и се на свое место. Маркетингот бара визија, да продаваш производ така да во тој период над 200 претстави годишно беа продавани низ работни организации во Битола. Заедно со Јоланда Дафовска двете бевме тандем во работата, без ривалство, и заедно поминавме долги успешни години во овој сектор, додека не заминав прво на место директор во Дом на култура, а потоа во пензија.

Во текот на моето работење во овој сектор можам да кажам дека имама преубави искуства со гостувања на на скоро сите театарски фестивали во СФРЈугославија, како и организатор на турнеите во Австралија, Русија, Полска и други држави. Многу награди на “Стеријино позорје“, “Саемот на театри“ во Словенија, “Нушичеви дани“, “Сплитско лето“, “Војдан Чернодрински“ и сите други позначајни фестивали. Во период на моето работење во маркетинг театарот два пати отиде на турнеи во Австралија меѓу нашите сонародници и прв пат еден театар излезе во дијаспората. Тоа се случи по покана на друштво “Јане Сандански“ и може да се каже јас бев спојот за оваа турнеја во Австралија. Настапуваваме на сцена каде не гледаше и австралиска публика и добивме многу добри критики. Покрај овие во тој период беа и турнеите во СССР, во Ташкент и Москва. Тука гостувавме во Бољшој театар. Во Молдавија, Бугарија, Франција, Канада. Во Франција, Корзика благодарение на моето учестсво во Француската алијанса. Театарот ми овозможи да видам многу земји и пријатели низ театрите. Овде отворено ќе кажам дека мака ми е само што не станав директор на НУ Битола, заради некои политики кои наместо во Народниот театар ме наместија во Домот на културата. Сметам дека овде многу повеќе ќе придонесев со моето искуство работејќи скоро на сите места и познавајќи како “дише“ театарот пред, зад сцена и во администрација.

На местото директор на Дом на култура – Битола
-Во тој период како член на партијата НСДП бев поставена на директорско место, во тој период кога Владимир Талевски беше градоначалник и заради претходно пријателство отворено низ разговори, му кажав дека многу е подобро да бидам поставена во НУ Народен театар Битола бидејќи знам како функционира театарот. Врз основа на тоа што работев на многу работни места, од суфлер, глумица, благајник, пи-ар и од на сцена, од зад неа, во администрација. Но, тука ќе кажам дека не ме послуша и овде беше поставен Цветан Стојановски, а јас на место директор во Домот на културата. Кога дојдов на местото директор поточно јануари 2007 година наидов на многу долгови, една руина, така да речам “црна дупка“ од претходното раководење. За некое време успеав некако да ја промениме ситуацијата на подобро. Многу фестивали кои беа некако поттурнати и скриени, ги извадив на површина “Илинденски денови“, “Театарот на монодрама“, “Браќа Манаки“.

Фестивал за монодрама “One man show“
-Го промовирав овој театар за монодрама, кој дотогаш беше еден мал театар, и го направив фестивалски, селекциски, жири комисија. Тука ќе ја кажам Нина Мазур, Русинка која живее во Германија, уметнички директор на сите фестивали низ светот и без неа овој фестивал немаше да биде тоа што е.

Фестивал на народни игри и песни “Илинденски денови“
-Организацијата на овој сега веќе голем и реномиран фестивал во тој период беше некако „скриен“. Под називот дека е “селски фестивал“ и на 40 степени се одржуваше во салата на Домот на култура. На моја иницијатива го поставив да се организира на отворено на ракометното игралиште каде и до ден денес се одржува, и го доби своето вистинско значење, за нашиот град, за Битола, за државата.
Фестивалот „Браќа Манаки“
-Во тој перод борба се водеше да се префрли фестивалот во Скопје. Јас ова што ќе го кажам имам и записи од изјави на новинари дека многу се залагав фестивалот да остане во Битола со цела организација и во тоа да бидат вклучени битолчани, само селекцијата на филмовите да биде под капата на Скопје. Имам документирани разговори со господинот Томи Салковски. Овде отворено ќе кажам дека можеби заради притисоци во период на градоначалникот Владимир Талевски овој фестивал се премести во Скопје, за да после доживеан неуспех повторно се врати во Битола. Некои, кои се надавем ќе се препознаат, се пофалија дека го вратиле “Браќа Манаки“ во Битола, а денес ќе кажам дека тоа не е точно. Од тогаш, постојат интервјуа дека многу се залагав фестивалот да остане во Битола, на начин како јас предлагав, но многу ми е мака што не успеав. Можам да кажам дека за цело време јас отворено го кажував своето мислење зад кое стојам и денес.

Балетска школа и претстави во Домот на културата
-Во период кога бев директор ја отворивме и балетската школа за деца која ја водеше Лора Тарчуловска и во тој шпериод ги направивме претствите “Танцот за кадетите“ и “Снежана и сеумте џуџиња“ за кои имаше голем интерес.
Искуство со филм во организација на статисти
-Низ моето работење ќе ги споменам искуствата како организатор на статисти при снимањеа на неколку филмови. Тоа беа филмовите “Сараево“, “Миротворец“ на Стивен Спилберг, “Прашина“ на Милчо Манчевски.

Театарот некогаш и денес, направете споредба…
-Од моето долгогодишно искустви, ќе нагласам театарот треба да биде народен како и што му прилега името НУ Битола. Тоа значи репертоарски со претстави кои ќе се играат за сите возрасти и вкусови и наменет за широки народни маси. Таков беше некогаш. Денес на репертоарот се само фестивалски, политички, експериментали претстави кои се за одредена публика и фестивали, а не се за широк аудиториум. Сметам дека успешноста се гледа во продажбата на карти на благајна, а не 5-10 тина карти на благајна, а другите гратис и полна сала. Кога би имало различни претстави од кои мора да постои детска претстава за најмалите. Потоа битова драма, комедија, трагедија, политичка… во одреден ден секој ќе знае кога оди на театар, ќе купи билет и ќе гледа претстава. Со тоа воспитуваме театарска публика уште од најмала возраст со детски претстави, битовите драми за ученици во основно. Да ги гледаат претставите кои ги обработуваат Чорбачи Теодос, Бегалка, за средношколци Госпоѓа Министерка,Сомнително лице, потоа Шекспировските драми. Потоа андерграунд за студенти. Социјални, политички, комедии, фестивалски… за сите граѓани. Така се расне една театарска публика која ќе го засака театарот од мали нозе. Да се врати времето на свечени и протоколарни премиери кога се знаеше кој во кој ред седи, свечена гардероба. Да се врати сјајот на Народниот театар во Битола, театар кој тоа и го заслужува.

Со вистинската споредба и пораката која ја испрати да негуваме и поттикнуваме љубов кон театарот од мали нозе и воспитуваме такви генерации, кои од мали, ученички возрасти ќе одат во театар сметам дека нејзините совети се добродеојдени денес. Секако тоа се совети од човек кој повеќе од 50 години успешно го претставува Театарот во Битола. Слободно ќе кажам дека иако ужива во своите пензионерски денови, неа, се уште ја препознаваат и ја знаат како „Анче од театарот“. Со тоа епитетите “заштитно лице на театарот“, “амблем на театарот“ се уште достојно и прилегаат.











