Марјан Секуловски од Битола е именуван за нов шеф на стручниот штаб на Брегалница, а токму тој треба да даде нов импулс плус во развојот на сениорскиот тим на Брегалница.
Со 47-годишниот Секуловски потпиша договор до 2022 година, со можност потоа и за продолжување на истиот, потоа го искажа задоволството од фактот што во иднина ќе го води штипскиот клуб.
-За мене е голема чест именувањето за шеф на стручниот штаб на клуб како Брегалница. Сакам да му се заблагодарам на сопственикот на Брегалница и раководните структури за искажаната доверба. Горд сум што ќе бидам дел од еден од најамбициозните проекти во македонскиот фудбал во кој е вложена огромна позитивна енергија, љубов кон фудбалот и финансиски средства. Наша заедничка цел е 100-годишнината од формирањето на клубот, ФК Брегалница и Штип да се вратат на позициите кои им припаѓаат во македонскиот фудбал и на армијата верни навивачи на клубот да им овозможиме да гледаат прволигашки фудбал.
Во мак-фудбалот Секуловски со успех ги водеше Пелистер од Битола, Силекс, Македонија ЃП, Новаци, 11 Октомври, а на меѓународната сцена, во Мјанмар ги водеше клубовите Ајејавади јунајтед, Јангон јунајтед и Шан јунајтед. Освојувач е и на две шампионски титули на Малдивите со екипата на Мазија С&РЦ.






