Бојан Маџовски, ракометар на Еурофарм Пелистер, пред утрешниот натпревар во Битола, против екипата на Тримо Требње, за очекувањата, самодовербата, игратата, за претходниот натпревар…
-Можам да ви кажам дека во Словенија одигравме еден од нашите најслаби натпревари. Иако создававме позиции и шанси, имавме голем проблем со реализацијата. Противникот не нè изненади со ништо од тоа што го подготвувавме, па дури и можам да кажам дека го спречивме нивното најсилно оружје – транзиција и брзата игра. Сепак, со тринаесет промашени зицери, тешко се добива натпревар. И минатата, а и оваа сезона се соочуваме што и на добиени натпревари, не ги освојуваме бодовите. Веруваме дека и тоа ќе го надминеме. Го оставаме последниот натпревар зад нас, се спремаме и во вторник се надеваме дека ќе излеземе како победници. Ни треба една победа да се крене екипата, да ја врати самодовербата. Иако можам да кажам дека атмосферата е добра во клубот, тренираме и се спремаме одлично, но ни треба таа една победа да ја вратиме самодовербата.






