Ракометарите на Еурофарм Пелистер на отворањето на новата сезона во СЕХА лигата и на свој терен во Битола победија 30:26, а тренерот на екипата од Битола Жељко Бабиќ, на официјалната прес-конференција им честитa на гостите за одличната игра, а според него клучен фактор за денешната победа на неговиот тим беше подолгата клупа која што тој ја има во однос на српскиот колега.
-Сакам да му се заблагодарам на мојот колега за одличниот натпревар во Битола. Ние уште пред почетокот знаевме дека за противник имаме опасен млад тим, кој е одлично воден и има свој квалитет и динамика. Мислам дека имавме среќа што нашата клупа беше подолга, се разбира за тоа можам да му се заблагодарам на мојот клуб и токму тој фактор беше одлучувачки за извојуваната победа. Исто така ме редува и играта на Невен Стјепановиќ, кој во вториот дел влезе во игра и ја внесе потребната свежина во нападот, рече Бабиќ.
Жељко Бабиќ, покрај анализата на натпреварот, на прес-конференцијата испрати и порака до битолчани во која нагласи дека синоќа немало основни услови за одигрување на еден ракометен натпревар, затоа што температурата во салата “Боро Чурлевски“ во Битола беше многу ниска.
-Сакам да испратам една порака до битолчани. Овде нема услови за игра. Оваа температура во која игравме и тренираме не е нормална. И тоа не е спорт за 21. век. Битолчани велат дека многу го сакаат ракометот, но тоа не ми го покажуваат мене, како тренер и на играчите кои се смрзнуваат и кои не можат да ја држат топката, рече Бабиќ.
Со зборовите на Бабиќ се согласи и стратегот на гостинската екипа Веселин Вуковиќ, кој исто така потврди дека вечерва немаше услови за ракомет.
-Апсолутно се согласувам со мојот колега. И вчера на тренинг и денес на натпреварот навистина им беше многу тешко на ракометарите. Затоа ги молам луѓето од Македонија да направат една сала во која ќе има нормални услови за игра. Играчите ќе се повредуваат, затоа што нема услови. Клубот вложува пари и заслужува подобри услови, рече Вуковиќ.






