Откако вчера по доаѓањето на сите ракометари во Битола и правењето на ковид-19 тестовите со два тренинзи во текот на денешниот ден Еурофарм Пелистер ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во салата на Медицинското училиште во Битола.
Екипата синоќа се комплетираше, но во првата недела од припремите ќе отсуствуваат репрезентативците на Македонија, Црна Гора и БиХ, кои имаат обрвски кон националните тимови.
Тренерот на Еурофарм Пелистер Жељко Бабиќ состави план на подготовки, во кој битолчани две недели ќе работат во својата база, спортската сала “Јован Калаузи“ во Битола, а потоа предвидени се подготовки, со серија на тест натпревари.
-Едвај чекам да почне сезоната и добро е што ќе имаме повеќе натпревари. Имаме многу играчи, широк ростер и многу ракометари кои помалку играа и ќе добијат шанса напролет. Ќе биде тешко и психички и физички, но верувам дека сме подготвени на предизвикот. Спортски е да очекувам да освоиме барем еден трофеј на крајот на сезоната. Планиравме да се подготвуваме во Истра, но тоа ќе го одложиме, бидејќи не можеме да играме против Нексе, а и екипите од Словенија не сакаат да дојдат во Хрватска. Ќе направиме турнеја во Словенија и Хрватска и ќе одиме во Целје да одиграме еден натпревар против Целје Пивоварна Лашко. Потоа ќе се стационираме во Загреб, каде ќе останеме 5-6 дена и ќе тестираме со ППД Загреб и Велика Горица, рече Бабиќ на старот на подготовките.
Градимир Чаневски, капитен на РК Еурофарм Пелистер на стартот рече:
-И покрај турболенциите со здравствените проблеми, мислам дека добро ја завршивме полусезоната, со победите над Тримо Требње и Металопластика. Се надевам на подинамичен втор дел, ќе има повеќе натпревари и ќе биде поинтересно и за нас и за публиката. Сакаме да се пласираме во нокаут фазата од Лига Европа и во првенството да му создадеме проблеми на Вардар во обидот да ја одбрани титулата. Не се опишува разликата да се игра пред полни и празни трибини. Посебно во Битола, вака ни изгледа како да играме во театар. Сепак спортот се игра за публика и се надевам дека гледачите ќе се вратат на трибините. Ги очекувам што побрзо да се вратат на трибините.

Во зависност од мерките и протоколите во земјата и соседството наскоро клубот ќе одлучи каде ќе се подготвува.
Во овој момент ростерот останува истиот од првиот дел од шампионатот, а целите се борба за националните титули, обид да се стигне на Ф4 во СЕХА Гаспром лигата и пласман во нокаут-фазата на Лига Европа. Пелистерци одиграа пет европски натпревари, на кои запишаа една победа, едно реми и три порази. Првиот натпревар во 2021 година Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 6 февруари против ППД Загреб.






