Со три победи и едно реми во последните четири натпревари од групата “Б“ на Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2 од Битола обезбеди плеј-оф. Екипата на Александар Јовиќ се потпре на младоста и ентузијазмот, но и на искуството и по се тоа беше вистинскиот начин за Битола да живее пријатни ракометни денови.
Предводникот на вториот тим од Битола, Александар Јовиќ со нетрпение ги очекува натпревари од плеј-офот и Купот, преку кои ракометарите ќе добијат 14-16 натпревари во нозете, сите против квалитетни ривали, а на стартот на подготовките рече:
-Нашата цел беше пласман во плеј-офот, иако бевме дел од “Б“ групата, која беше далеку поквалитетна. Одигравме многу неизвесни натпревари, одевме по потешкиот пат и заслужено го обезбедивме плеј-офот. Во овие играчи има уште квалитет. Во првиот дел не успеавме да го извадиме максимумот од него. Заедно со мојот тренерски тим ќе се погрижиме да го извадиме најдоброто од секого и тоа да го вклопиме во тимска целина, бидејќи само добар тим носи резултат.
Стефан Дрогришки верува дека плеј-офот ќе биде од големо значење за младите ракометари и за екипата како целина и вели:
-За нас голем плус е пласманот во плеј-офот. Натпреварите ќе ни дозволат да растеме како играчи. Јас сум можеби поискусен, но има и млади ракометари на кои овие дуели ќе им бидат од големо значање за понатамошен развој. Мислам дека овој тим има капацитет да се натпреварува со најдобрите екипи. Треба да работиме во подобрување на некои сегменти со што би биле подобар противник за нив. За нас е задоволство и уживање да се натпреварување со екипи како Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер, кои се во врвот на европскиот ракомет.






